Непосредно пред официјалниот почеток на Евровизија 2025 во Базел, јавниот сервис на Израел, „Кан“, поднесе пријава до локалната полиција поради наводни закани со смрт кон нивната претставничка Јувал Рафаел. Оваа вознемирувачка информација фрли сериозна сенка врз фестивалот, имајќи предвид дека заканите се политички мотивирани — нешто што во евровизискиот свет се смета за најтежок прекршок.
На свеченото отворање во неделата, кога претставниците од 37 земји прошетаа по прочуениот тиркизен килим, Јувал — која ја преживеа трагедијата за време на нападот на Хамас во 2023 година — беше дочекана со свирежи од публиката. Според видеото објавено од член на израелската делегација, еден маж ѝ мавтал со палестинско знаме, ѝ покажал палец надолу, потоа симулирал движење на прст преку вратот и на крајот плукнал во нејзина насока.
Во Базел истиот ден се одржаа и масовни протести против учеството на Израел на натпреварот, поради ситуацијата во Појасот Газа. Јавните радиодифузери на Словенија, Шпанија и Исланд јавно се спротивставија на израелското учество, а околу 70 поранешни евровизиски учесници, меѓу кои и победниците Салвадор Собрал (Португалија) и Чарли Мекгетиген (Ирска), побараа дисквалификација на Израел.
Извор: youtube/printscreen/Eurovision Song Contest/shutterstock