Францускиот актер Жерар Депардје (76) е прогласен за виновен за непристојни физички напади врз две жени на сетот на филмот „Les Volets Verts“ во Париз, во 2021 година.
Судот во Париз го осуди 76-годишниот актер на условна затворска казна од 18 месеци, како и парична казна од 20.000 евра. Депардје беше обвинет за непристојни физички контакти со 54-годишна сценографка и 34-годишна асистентка на режисерот.
Обвиненијата се однесуваат на инцидентот за време на кој, според исказите на жртвите, Депардје ја зграпчил Амели за колковите и задникот, ја привлекол кон себе и ја допирал по градите, додека таа се обидувала да се ослободи од неговиот стисок.
Вториот инцидент се случил со асистентката на режисерот, на која, според нејзиното сведочење, актерот ѝ ги допирал градите и задникот во три наврати.
Депардје ги негираше сите обвинувања, тврдејќи дека се изнесени за да му се наштети на угледот. Неговиот адвокат побара од судот да ги отфрли обвиненијата, но судијата Тјери Донар оцени дека објаснувањата на актерот се неуверливи и недоследни.
Фото: Printscreen