Суд во Москва ја казни комуникациската платформа „Телеграм“ со седум милиони рубљи (80.000 американски долари) поради тоа што одбила да отстрани содржина што ја окарактеризира како апел за терористички напади и учество во протести кои имаат за цел уривање на руската Влада, пренесоа британските медиуми.
„Телеграм“ не успеа да отстрани „информации или канали кои содржат повици за акти на екстремизам“, се наведува во објаснувањето на судската пресуда со која е изречена финансиската казна.
Според руските медиуми, одредени канали споменати во судската одлука содржеле повици за антивладини демонстрации со цел рушење на власта, како и за терористички дејствија врз железничкиот сообраќај, со цел да им се помогне на украинските сили.
Социјалната мрежа „Телеграм“, со седиште во Дубаи и основана од Павел Дуров, кој е роден во Русија, има речиси милијарда корисници и е особено популарна во Русија, Украина и други поранешни советски држави.
Дуров се врати во Дубаи во март, откако помина неколку месеци во Франција по неговото приведување во август 2024 година и истрагата за употребата на „Телеграм“ за криминални дејствија, вклучувајќи измама, финансиски криминал и дистрибуција на слики кои содржат сексуална експлоатација на деца.