Почетна ЕкономијаВелјановски: Од 340 на 560 милиони евра пораснала проценетата вредност на железничкиот Коридор 8

Велјановски: Од 340 на 560 милиони евра пораснала проценетата вредност на железничкиот Коридор 8

од nenad
1 минути читај за

Проценетата вредност на третата фаза од железничкиот Коридор 8, на делницата Крива Паланка–граница со Бугарија, пораснала од 340 на 560 милиони евра, обвини пратеникот Велјановски, повикувајќи се на наодите од извештајот на Државниот завод за ревизија.

„ДЗР утврдил дека проценетата вредност за третата фаза од железничкиот Коридор 8 пораснала за околу 220 милиони евра, односно од 340 на 560 милиони евра“, истакна Велјановски.

Тој оцени дека ревизорскиот извештај отвора сериозни прашања за начинот на кој претходните власти го воделе проектот, особено во делот на неговото доцнење и зголемувањето на проценетата вредност.

„Извештајот на ДЗР потврдува дека во главите на СДС и ДУИ биле само провизии, проценти и тендери. Наместо да работеа во интерес на граѓаните, талогот работеше во интерес на својот џеб“, рече Велјановски.

Тој побара одговорност од претходните влади за, како што наведе, повеќегодишното доцнење на проектот и зголемените трошоци.

„Зошто СДС и ДУИ треба да одговорат зошто проектот со години доцнеше, а неговата проценета вредност растеше? Зошто граѓаните да плаќаат 220 милиони евра повеќе? За ликови како Филипче и Заев да ги полнат своите џебови?“, праша Велјановски.

Според него, актуелната Влада предводена од ВМРО-ДПМНЕ работи на изнаоѓање решение за продолжување на железничкиот Коридор 8 и неговата реализација.

„Денес Владата предводена од ВМРО-ДПМНЕ работи на изнаоѓање одржливо решение за железничкиот Коридор 8 и реализација на стратешкото поврзување“, истакна тој.

Велјановски порача дека истовремено не треба да се заборават проблемите наследени од претходната власт и побара надлежните институции да ги испитаат наодите од ревизорскиот извештај.

„Не смееме да заборавиме на претходни црнила кои ги наследивме, а за кои бараме од Јавното обвинителство да го истражи ревизорскиот извештај на ДЗР и да постапи согласно истиот“, рече Велјановски.

„Не сме исти. Разликата е евидентна“, заклучи тој.