Почетна Убавина и здравјеКаква иднина нè очекува по изумирањето на живиот телефонски разговор? – Убавина и здравје

Каква иднина нè очекува по изумирањето на живиот телефонски разговор? – Убавина и здравје

од nenad
6 минути читај за

По големата пресвртница и масовното преминување на текстуални пораки, телефонирањето стана тотално интимен чин. Денес добро ќе размислиме дали со телефонскиот повик ќе нарушиме нечија интима и на тој начин ќе придонесеме нашиот повик да биде сметан за знак за наметливост и за непочитување. Всушност, и самите знаете како реагирате кога на екранот ќе ви се појави непознат број. Повеќето од нас ќе одбијат таков повик или ќе очекуваат повикувачот прво да се претстави во текстуална порака.

Исто така, мал е бројот и на оние што имаат време трпеливо да ги ислушаат гласовните пораки. И кога станува збор за деловниот контекст, кодексот на однесување не се разликува во голема мера. Ако некого добро познавате во професионална смисла, тогаш можете да му се јавите со одредена сигурност дека ќе ви одговори на повикот. Доколку не го познавате, ќе мора да оставите порака (најчесто кај секретарката) и да чекате да ви закажат телефонски разговор.

ЅВОНЕЊЕ НА ТЕЛЕФОНОТ И УСЛОВНИОТ РЕФЛЕКС

Телефонскиот повик отсекогаш бил инвазивен облик на комуникација. Затоа не треба да чуди тоа што толку подготвено ја прифативме неговата помалку директна замена. Всушност, првиот телефонски повик, кој се случил на 10 март 1876 година бил ургентна наредба. Неговата содржина гласела:

Господине Вотсон“, кажал Александар Греам Бел, „веднаш дојдете ваму – сакам да ве видам.“

Тој славен Вотсон, кој во време на повикот се наоѓал во соседната просторија, веднаш ја извршил наредбата. Се разбира, ваквата реакција е резултат на послушноста кон работодавецот, големиот пронаоѓач на телефонот. Следните 100 години, телефоните продолжија да господарат со нашите животи. Гласното ѕвонење ги принудуваше луѓето во најкраток рок да ја подигнат слушалката, бидејќи не знаеја кој би можел да биде од другата страна или какви вести би можеле да пристигнат. Тоа можел да биде претпоставениот, или објава за неочекувано наследство. Или, не дај Боже, вест дека некој од семејството доживеал несреќа. Постарите генерации и денес трчаат кон телефонот уште при првото ѕвонење, плашејќи се да не пропуштат нешто многу важно.

НЕИЗБРИШАНА ТРАГА

Владеењето на фиксниот телефон беше неприкосновено до средината на 1980-тите години, кога две револуционерни достигнувања во тоа време – телефонска секретарка и идентификација на бројот на повикувачот – почнаа да го преземаат приматот. Ако станувало збор за важна порака, повикувачот можел да ја остави на телефонската секретарка, а кога на екранот на фиксниот телефон ќе се појавел бројот на повикувачот, повиканиот можел да одлучи дали ќе одговори или не. Со забрзаниот развој на мобилната телефонија во 21-от век, мобилниот им стана најверен пријател на мнозинството, додека читањето на бројот/името на повикувачот на екранот можело да спаси живот (дури и буквално, ако ви се огласи телефонот додека управувате со моторно возило).

Кога во јуни 2007 година беше промовиран „ајфон“, сите едноставно мораа да го имаат. Луѓето престанаа да го сметаат за телефон и почнаа да го нарекуваат апарат. Во рок од половина година, фиксниот телефон речиси ја загуби својата функција, а телефонските разговори се проретчија. Со мобилниот во џеб, можевте да одите каде што сакате (освен на планина каде што приемот е лош) и да останете во врска (или не) со остатокот од светот.

Исто така, овој тип телефон овозможи да го прекинете здодевниот разговор со изговорот „еј, ми се губиш“ или „нешто не е во ред со врската“. Старата забелешка „денес никој веќе не пишува писма“ денес поретко се слуша, бидејќи ние всушност пишуваме писма, но во вид на текстуални пораки или мејлови, кои ги заменуваат телефонските разговори.

ВИСОКАТА ЦЕНА НА СЛОБОДАТА


Поврзани објави

Сепак оваа лична слобода одзеде нешто драгоцено, а тоа е човековиот глас. Текстуалните пораки се извештачени, лишени од емоции, телеграфски и помалку спонтани од вербалниот начин на изразување, дури и кога ги пишуваат луѓето што се вешти во пишување. Авторите на пораките често стравуваат дека нивните зборови нема да бидат сфатени правилно (затоа текстот е преполн со емотикони). Истовремено, пораките се поконтролиран, поосмислен и поизбалансиран начин на изразување од разговорите. Низ текстот, бесот не може да се изрази во доволна мера како што може со врескање во слушалка или со нејзино трескање.

Ваквиот облик на комуникација особено можел да помине во периодот меѓу 1950 и 1984 година, благодарение на употребата на исклучително цврстиот модел на фиксен телефон (модел 500, Вестерн електрик), кој важеше за апсолутно некршливо парче на излеана пластика. Трескањето на слушалката и бесното туркање на телефонот на земја, без оштетување на апаратот, беше мошне полезно кога претплатниците мораа да го избегнат корисничкиот сервис.

Меѓутоа, денешниот кориснички сервис подразбира праќање мејл или текстуална порака во простор во кој никој не може да ви го слушне гласот (или вресокот!). Допишувањето е добар медиум и за флертување меѓу две лица што не се познаваат добро. Но дефинитивно е лош медиум за искажување позрела љубов на подлабоко ниво (пријателско, фамилијарно, љубовно) бидејќи саканата личност е навикната да регистрира голем број невербални показатели на емоциите, кои само поетите можат да ги преточат во пишани зборови. Звукот на смеата е апсолутно исклучен од текстуалните пораки и е заменет со вештачки акроним

LOL, чија искреност е секогаш под знак прашалник. Всушност, текстуалните пораки се совршен медиум за изговарање лаги. Секој што испраќа порака има доволно време да смисли најдобар начин да ја замаскира неискреноста, а примателот на пораката никогаш нема да ги види гримасите на неговото лице, потењето на дланките, ниту ќе го фати скршнувањето на погледот поради непријатност.

Текстуалните пораки се совршен начин за „пасивно одбивање“. Во блиското минато, доколку некој ве прогонуваше да му го дадете телефонскиот број, едноставно ќе му дадевте погрешен и готово, но сега тој е во можност веднаш да го заврти и да дознае дека бројот не е ваш. Но дури и денешните „прогонувачи“ претпочитаат текстуални пораки.

Иднината на телефонските разговори

Значи, каква иднина нè очекува по изумирањето на живиот телефонски разговор? Дали повеќето корисници ќе се претворат во роботизирана маса,а  светот во место во кое ниедна љубов нема да може да се развие, ниту да се слушне смеа или плач? И дали кругот на нашите пријатели сè повеќе ќе се стеснува и конечно ќе исчезне?

Многумина од нас користат видеоповици за комуникација со другите. Но тоа е многу поинтимен начин на комуникација од класичниот телефонски разговор. Прво, соговорниците можат да се гледаат, понекогаш и во нерепрезентативни изданија или во незгодни моменти. На многумина овој начин на комуникација им е надреален, бидејќи разговарате со некого и гледате дека не сте во иста просторија.

Можеби група носталгичари ќе успее повторно да ги оживее разговорите преку фиксен телефон, како своевиден ритуал, а можеби Гугл во блиска иднина ќе овозможи автоматско испраќање пораки, со што ќе се овозможи конекција меѓу мобилните телефони без човекова интервенција. Исто така, постои можност дека ќе се вратиме на старата навика на „непокането упаѓање“ кај соседите, каков што беше обичајот пред неколку децении.

А можеби сето ова ќе се случи истовремено. По приода, луѓето отсекогаш повеќе читале одошто пишувале. Затоа е сосема логично мнозинството да го поздрават триумфот на пишаниот збор условен од трендот на текстуалните пораки. Но исчезнувањето на телефонските разговори може и да го осиромаши човекот, бидејќи се оддалечува од пријателите. Комуникацијата преку социјални мрежи никако не е исто што и разменување живи зборови.

Навикнавме поголемиот дел од денот да молчиме и да типкаме по тастатурата, па со часови да не го слушнеме ниту својот, ниту туѓиот глас. Затоа би било убаво понекогаш да го слушнеме ѕвонењето на фиксниот телефон и од другата страна да ни се огласи драга личност.

Текст: Наташа Човиновска