Светската здравствена организација (СЗО) ќе мора да го редуцира својот финансиски план за 20 проценти, по повлекувањето на САД од оваа организација, објави Франс прес, цитирајќи го генералниот директор на СЗО, Тедрос Аданом Гебрејесус.
Покрај напуштањето на СЗО, американскиот претседател донесе одлука да ја запре речиси целата американска меѓународна помош, вклучувајќи и обемни програми наменети за подобрување на здравјето на глобално ниво.
Соединетите Држави беа најзначајниот извор на финансии за касата на СЗО и во претходниот двогодишен буџетски период, 2022-2023 година, учествуваа со 16,3 отсто од вкупниот буџет на организацијата, што изнесуваше 7,89 милијарди долари.
“Најавата на САД дека ќе ја напуштат СЗО, во комбинација со неодамнешното намалување на официјалната помош за развој на некои земји со цел финансирање на зголемените трошоци за одбраната, ја направи нашата положба многу покритична. Иако постигнавме значителни заштеди на трошоците, сегашните економски и геополитички услови ја отежнуваат мобилизацијата на ресурсите”, изјави Тедрос Аданом Гебрејесус.
Во февруари, управниот одбор на СЗО го скрати предложениот буџет за периодот 2026-2027 година од 5,3 милијарди долари на 4,9 милијарди долари.
Сепак, со влошувањето на ситуацијата, сега на земјите-членки на СЗО им се предлага буџет од 4,2 милијарди долари, што е намалување од 21 отсто во однос на првично планираниот буџет.