Почетна ЕкономијаВо УКЦС Белград се лекуваат 17 пациенти од пожарот во Кочани, двајца се на респиратор и двајца се оперирани

Во УКЦС Белград се лекуваат 17 пациенти од пожарот во Кочани, двајца се на респиратор и двајца се оперирани

од nenad
1 минути читај за

Седумнаесетмина повредени во пожарот кој избувна во Кочани се третираат во Ургентниот центар на Универзитетскиот клинички центар на Србија во Белград. Од нив, две лица се на апарати за дишење, а двајца се подложени на хируршки зафат, информираше д-р Милан Стојичиќ, директор на Клиниката за пластична и реконструктивна хирургија при УКЦС, пренесе дописникот на МИА од Белград.

Стојичиќ потенцираше дека пациентите се во стабилна состојба, а периодот по операциите минува без компликации. “Нивниот постоперативен тек се одвива без проблеми.”

“Наредната недела веројатно ќе бидат оперирани уште пет-шест пациенти. Имам и добри вести, неколку пациенти веројатно ќе можат да бидат префрлени на одделение бидејќи успешно се опоравува нивната респираторна функција, а раните од изгорениците се такви што не бараат престој на одделението за Интензивна нега”, изјави тој за РТС.

Тој објасни дека кај пациентите кои веќе се оперирани, интервенцијата подразбира отстранување на оштетено ткиво и покривање со автотрансплантација, што значи дека нивна сопствена кожа се зема од други делови на телото и се пресадува на погодените места.

На еден пациент ќе му биде извршена нова интервенција за приближно пет дена (на другата рака). Според него, за оние на кои им претстои операција, нема да бидат потребни донатори на кожа.

Во врска со рехабилитацијата на оние кои биле оперирани, Стојичиќ нагласи дека крајниот исход обично се забележува по 14 дена, а потоа следи фаза на рекуперација со помош на физикална терапија.

зш/фото МИА
Извор: МИА