Почетна ЕкономијаИтни инспекциски надзори во јавните објекти ширум државата

Итни инспекциски надзори во јавните објекти ширум државата

од nenad
3 минути читај за

Сите општини, координирани преку ЗЕЛС, започнаа со вонредни инспекциски надзори во сите објекти од јавен карактер на територијата на државата.

Во значаен број општини, детално се испитуваат училиштата, детските градинки, спортските сали, културните центри, како и сите угостителски објекти и други места каде секојдневно се собираат нашите сограѓани.

Ова денеска го нагласи претседателот на ЗЕЛС и градоначалник на Општина Кисела Вода, Орце Ѓорѓиевски, на заедничката прес-конференција со директорот на Универзитетската клиника за хируршки болести во Скопје, Небојша Настов и портпаролите на Владата, Марија Митева и Венера Љатифи Азизи.

Нагласувајќи дека посебен акцент е ставен на објектите во кои престојуваат деца и млади, Ѓорѓиевски посочи дека инспекциските контроли ќе бидат континуиран процес и во наредните недели и месеци систематски ќе се проверуваат сите објекти во државата, со цел сите јавни и приватни објекти каде се собираат луѓе, било да се образовни, здравствени институции, спортски или културни објекти или угостителски локали, да бидат безбедни.

Тој нагласи дека е воспоставена цврста и тесна координација со Владата и лично со претседателот на Владата, од првиот момент по несреќата во Кочани, со единствена цел брза и усогласена акција за справување со ситуацијата.

Предизвик, според него, претставува недоволниот број инспекциски служби, особено во помалите општини.

Ѓорѓиевски информираше дека во Општина Кисела Вода имало двајца инспектори за домување, а во многу општини, како што рече, нема инспектори за домување, немаат градежни инспекции, комунални инспектори. Тоа, истакна тој, ќе мора заеднички да се реши во наредниот период и ќе се спроведе меѓуопштинска соработка.

Градоначалникот Ѓорѓиевски посочи дека ЗЕЛС ја презема улогата на координатор на сите активности на локално ниво, за меѓусебна помош и споделување на ресурсите и знаењата. Инспекциските капацитети, најави тој, ќе се стават на располагање таму каде што има потреба за да може секоја општина темелно да ги провери сите објекти на својата територија.

Во поголемите општини, како што рече Ѓорѓиевски на прес-конференцијата, веќе се спроведуваат детални контроли на објектите, документацијата на објектите и почитувањето на сите безбедносни стандарди. Се внимава дали објектите имаат исправна противпожарна опрема и функционални противпожарни хидранти, дали електричните инсталации се безбедни и соодветно одржувани, постојат ли јасно обележани и функционални евакуациони патеки и планови, како и дали се поседуваат сите потребни документи и безбедносни елаборати.

“Ќе има нулта толеранција за евентуалните неправилности. Ќе се преземаат решителни мерки согласно надлежностите на локалната самоуправа”, рече Ѓорѓиевски и ги повика граѓаните, ако забележат небезбедни услови, да ги пријават.

Ѓорѓиевски најави дека утре ќе има седница на Управниот одбор на ЗЕЛС, на која се поканети градоначалници на поголемите општини во државата, а ќе се направи детален пресек за состојбата во општините.

Во Кисела Вода, информираше тој, во сите градинки, училишта, спортски сали и Домот на културата се извршени проверки и не се утврдени аномалии, односно сѐ е исправно. “Во строга контрола влегуваме и во станбените згради, каде треба да има соодветна хидрантска мрежа, скали за пожар и да ги исполнуваат основните елементарни услови.”

Во Кисела Вода, изминатата недела се проверени околу 40 згради. Постарите згради кои се градени по земјотресот, таму не се исполнуваат стандардите. “Таму ќе треба да се остави простор куќните совети да си преземат дејствија, ако не ќе си преземеме активност и ќе ги казниме истите. Ние мора да воспоставиме систем и ред во оваа држава”, рече градоначалникот на Општина Кисела Вода и претседател на ЗЕЛС, Ѓорѓиевски.
цр/лв/Фото: принтскрин од прес-конференцијата
Извор: МИА