Почетна Убавина и здравјеБорба со ветерници во корумпиран колектив – Убавина и здравје

Борба со ветерници во корумпиран колектив – Убавина и здравје

од nenad
3 минути читај за

Народот протестира, властите се менуваат, луѓето умираат, а расплеткувањето на завршницата оди мачно и создава грутка во стомакот кај сите кои некогаш се изгубиле во лавиринтот на нефункционалното здравство и празните ветувања на политичарите

Пожарот во дискотеката во Кочани, која одзеде 59 животи и остави повеќе од 150 повредени, ги разбранува болните сеќавања на слични такви трагедии ширум светот. Една од нив е таа од 2015 година што се случила во романската дискотека „Колектив“ и за која постои документарец со истиот наслов.

„Кога владата ќе потфрли, сите ја плаќаме цената“ – горчлива вистина што се користи како најава, но може да послужи и како концизен опис за романскиот документарен филм „Колектив“ во режија на Александер Нанау, кого Европската филмска академија го прогласи за најдобар во својата област и кој беше номиниран за „оскар“ во дури две категории: за најдобар интернационален филм и за најдобар документарен филм. 

Потенцијалот на овој документарец уште веднаш се согледува од самиот наслов, поради низата можности за интерпретација што ги нуди. Очигледното негово значење е името на ноќниот клуб каде се случува трагедијата што служи како појдовна точка за конфликтот во филмот – „Колектив“. Но дали зборот „колектив“ алудира на народот како колектив кој бара правда, на колективот од политичари и директори на болници кои ја злоупотребуваат својата моќ, на колективот од новинари кои се во потрага по вистината или на целото општество во кое владеат корупција и непотизам?


Поврзани објави

Иако на прв поглед се добива впечаток дека главна проблематика во филмот ќе бидат жртвите во пожарот што ненадејно избувнува во ноќен клуб во Романија, уште во првите минути станува јасно дека дејството ќе заземе многу поголеми размери. Група истражувачки новинари, на чело со Каталин Толонтан, почнуваат да бараат одговор зошто речиси сите од пациентите со посериозни изгореници завршуваат фатално како последица од бактериска инфекција во болнички услови. Министерството за здравство, пак, ги уверува своите граѓани дека нивните болници се соодветно опремени за да можат да се справат со ваков проблем. Не можејќи да ја игнорираат оваа контрадикторност, неколкуте херои на независните медиуми полека почнуваат да ги раскопуваат сите дупки во корумпираниот здравствен систем, каде што личните интереси го имаат главниот збор додека човечноста е недостижен идеал. Народот протестира, властите се менуваат, луѓето умираат, а расплеткувањето на завршницата оди мачно и создава грутка во стомакот кај сите кои некогаш се изгубиле во лавиринтот на нефункционалното здравство и празните ветувања на политичарите.

Разочараноста од здравствениот систем е мошне актуелна тема, но тоа не е единствената причина за големата популарност на „Колектив“. Со оглед на тоа што станува збор за вистински луѓе кои на моменти забораваат на камерите, автентичноста е еден од посилните адути на овој документарец. Отсуството, пак, на директно обраќање на ликовите кон камерата, што е типично за документарните филмови, го прави ова дело повеќе од обично сведоштво и му дава карактеристики на игран филм. Минималната употреба на музика (внимателно направена селекција на композиторот Кајан Бајани) придонесува за траорната атмосфера што владее во секоја сцена. А фактот што станува збор за еден вид „one man show“ (Нанау е режисер, сценарист, продуцент и монтажер на филмот), не остава простор да се каже дека визијата на авторот не е целосно и неприкосновено прикажана.

Брутално искрено, Александер Нанау успева да раскаже вистинска приказна што говори на повеќе јазици и допира до свеста на луѓето, без оглед на тоа во кој дел од светот живеат и дејствуваат. Да, „Колектив“ може да се гледа како документарец што ги обелоденува најсуровите недостатоци на еден општествен систем, но пред сѐ, тоа е филм за храброста на одредени поединци да ги разоткријат истите тие. Колку и да личи таа мисија на борба со ветерници…

Пишува: Марија Лукаревска