Си беше еднаш едно дете кое сакаше приказни. И слушаше разно-разни приказни за случувањата во животот на своите предци.
Една од приказните беше за неговата прабаба Славка. Таа жена, родена во „турско“ се борела со немаштијата и, како секоја тогашна домаќинка, успевала од една кокошка да направи три манџи. Најмногу внимание посветувала на мисијата да го воспита синот единец Благоја, онака како што доликува. А тој, растел, учел занает и станал влечкар од калибар. Откако се усовршил и во правење чевли, полагал пред мајсторската комисија која му доделила диплома за чевлар. Се оженил и имал четири сина и една ќерка. Имал и други две деца, ама нив Господ ги зел оти сакал и деца во неговото царство. И така децата, кои биле најголемата среќа на баба Славка, растеле и се школувале. Во еден период, во скромниот дом била инсталирана електрична енергија и нормално, прво имале една сијалица во одајата. Со денови, пред легнување, баба Славка дувала да ја изгасни сијалицата како што тоа го правела со децении со газиената ламба. А внуците, се смееле што баба им не може да прифати дека треба само да притисне едно чудо на ѕидот и сијалицата да се изгасне. И така, еден ден баба Славка се почувствувала навредена од смеењето на внуците и им рекла „Вие идите накај мене, не јас накај вас“. Баба Славка се упокоила во сериозна возраст, а внуците со поминувањето на времето, сѐпочесто се сеќавале на бабината реченица.
А детето што сакаше приказни растеше и учеше од приказните, кои следеа.
Продолжување на приказната за баба Славка беше за баба Блага и дедо Благоја. И нивниот живот бил посветен на секојдневната борба да ги изведат на пат своите четири сина и едната ќерка. Баба Блага, како и нејзината свекрва, од една кокошка правела три манџи, кога немало брашно за леб, месела царевица или леб од компири. Кога имало месоманџата била богата оти имало по едно дробенче мевце за секое дете. И што би рекол Балашевиќ, секогаш имало таман толку колку што треба. Ама, во тоа време веќе струјата била секојдневие, ама електричното шпоре и радиото биле новина. Баба Блага била многу зачудена како тоа некоја заедно со некој маж биле пикнати во таа мала кутија, а електричниот шпорет го вклучувала со страв да не забирави да го исклучи. Ама, новитетите на струја толку брзо се појавувале, а баба Блага некако се навикнувала на нив. А децата растеле и се осамостојувале. Стасала ќерката за мажење и баба Блага и дедо Благоја решиле за руво да ѝ купат СИНГЕР машина за шиење, со богато изработени ногарки, масивна подлога и на неа машината. Таа беше учела за шнајдерка, оти баба Блага и дедо Благоја сметале дека машките треба да учат за да го хранат семејството, а женското да биде дома и да работи работа дома. За тоа време, машината за шиење била престиж, а СИНГЕР била најдобрата што ја имало во тоа време, иако била ножна. Дедо Благоја, непосредно после свадбата на ќерката доживеал мозочен удар и бил целосно парализиран, а за него се грижеле најмалиот син Симон и баба Блага. А таа, доживеала убава старост во кругот на семејството на Симон.
Детето кое ги слушаше приказните, стана девојка, ама продолжи да слуша приказни.
А продожението е дека детето растеше на Сингерката, се нишаше на коленото од мајка си, не забележувајќи ја болката во нозете од работата на машината на мајка си Љубица. А таа, како и баба ѝ Славка и мајка ѝ Блага знаеше да направи три манџи од една кокошка, а манџите со месо имаа дробенчиња и за домаќинот и домаќинката, а не само за децата. А техниката неумоливо се усовршуаше, па се појавија и машини за шиење на струја. И наместо по цели денови, баба Љубица да ги мачи нозете со „возење“ по подножјето на машината, доби електрична машина за шиење од БАГАТ. И како што баба ѝ дувала на сијализата за да ја изгасне, како што мајка ѝ се плашела да го вклучи електричниот шпорет, така и електричната машина за шиење беше новина која го кратеше времето за шиење оти со неа можеше да подрабува, да не ги мачи нозете и да везе семожни перничиња за децата. А нејзините деца растеа, се школуваа и станаа свои луѓе.
А детето што слушаше приказни, со време, влезе во приказните.
Заврши историја, се вработи, формира семејство. Работата на детето бараше да се оди на истражувања, а архивите и библиотеките во Тирана станаа често посетувани институции. Еден ден, додека детето на беше во Тирана, децата на детето го вклучија компјутерот и на скајп си разговараа, а од таму се зададе баба Љубица со прашањето „Катерино, ти си? Уште си во Тирана? Па како можи вака да те има на компјутер“? А внуците паѓаа од смеење прашувајќи се како баба Љубица не ја разбира моќта на компјутерот, на што следуваше нервозно „Вие идите накај мене, не јас накај вас“.
Детето продолжи да учи други приказни, некои убави,некои не толку убави, ама многу реални.
А техниката и натаму рапидно се развиваше до степен на насфатливост. Децата на детето живеат во друг свет од неговиот, со виртуелни другари, со комуникација низ цел свет. Учат од некои настрани приказни и мислат дека сѐ што лета се јаде. Дојдовме до таму, што најмалото дете на детето му кажува на телевизорот „Пушти ги АБА на јутјуб“, а телевизорот одговара „Сега се бара АБА на јутјуб“.
Денес детето што ги сакаше приказните е баба на Војдан и Коста и се мисли колку ли ќе напредне техниката, што ли ќе прават внуците за јас да им кажам „Вие идите накај мене, не јас накај вас“.
Post Views:
408
Извор : vesnik-ilinden.com
Проф. д-р Катерина Тодороска: „Вие идите накај мене, не јас накај вас“