Почетна Убавина и здравје„Да се биде во хармонија со себе е убавина која никогаш не излегува од мода“ – Убавина и здравје

„Да се биде во хармонија со себе е убавина која никогаш не излегува од мода“ – Убавина и здравје

од nenad
3 минути читај за

Бојана Делидинкова ни откри што сака и што не сака кај себе

На Инстаграм стана позната по своите едукативни совети и рецензии за козметика и шминка, а денес се залага за холистички пристап кон негата и убавината. Со Бојана Делидинкова ги разгледавме сите аспекти на грижата за себе и уште еднаш утврдивме дека прифаќањето на себеси е клучно за среќен и исполнет живот.

Која е твојата дефиниција за убавина?

„Убавината е во очите на набљудувачот“, па така и мојата перцепција за убавината се има менувано низ годините. Како помлада, убавината ја доживував низ призмата на она што важеше за стандард во нашата култура, но денес ја доживувам на повозвишено енергетско ниво и ја восприемам со сите мои сетила. Да се биде во хармонија со себе, со својата автентичност и суштина, да се негува духот и позитивната мисла е убавина која никогаш не излегува од мода.

Како изгледа твојата вообичаена рутина за нега?

Во утринската рутина секогаш се трудам да вметнам серум со антиоксидантни активни состојки (како витамин Ц), кои ќе ја заштитат кожата од надворешните влијанија и ќе му бидат одлична поддршка на кремот со СПФ. Вечерната рутина, без исклучок, ја почнувам со двојно чистење на лицето. Нанесувам активни состојки во ротација по денови: една вечер ми е наменета за хемиски пилинг со АХА/БХА киселини, една за ретинол, една за хидратација и така во круг.

Колку често се шминкаш и каква шминка претпочиташ?


Поврзани објави

Обожавам да се шминкам, тоа е мојата терапија. Се шминкам речиси секој ден, освен за викенд. Низ годините научив како со малку шминка да постигнам одличен ефект, да ги маскирам „недостатоците“ и да ја истакнам природната убавина. Трикот е во слоевитото умерено нанесување на секој производ кој е соодветно избран за мојот тип кожа.

Како ги негуваш духот и менталното здравје?

Се трудам да се придржувам до утринската и вечерната рутина, што ми дава некаква структура на започнување и завршување на денот. Наутро медитирам и водам дневник на благодарност. Навечер пишувам дневник и читам книги. Слушам подкасти за личен развој и ментално здравје, го негувам духот со убави прошетки и добра музика. Физичката активност не ми е силна страна, се борам да ја вметнам во мојата рутина, за да биде комплетна.

Си имала ли период во животот кога си се чувствувала несигурно во себе?

Како мала, бев безгрижно дете без комплекси. Како што почнав да станувам свесна за мојот изглед и да го споредувам со наметнатите стандарди за убавина, комплексите беа неизбежни. Мислам дека кога влегов во моите триесетти години, тогаш започна вистинскиот процес на себе-прифаќање и холистички пристап кон моето физичко и ментално здравје. Вистинското ослободување настана кога престанав да се грижам за мислењето на другите и почнав повеќе да си верувам на себе.

Што сакаш, а што не сакаш кај себе?

Ги сакам мојата убава автентична енергија, позитивниот поглед кон животот и исконската мотивација секогаш да помогнам. Ми годи кога ме доживуваат како некој што мотивира, затоа што навистина имам чувство дека сум дојдена да оставам печат на овој свет. Би сакала почесто да си ја давам валидацијата која очајно сум сакала да ја добивам од тие околу мене. Физички, како и секогаш, ми пречи тоа некое кило плус што треба да се симне. Јас сум од оние „вечно на диета“ девојки, хаха.

Разговарала: Марија Лукаревска

ФОТО: ПРИВАТНА АРХИВА