Генералниот секретар на Обединетите нации предупредува дека Израел ги крши суверенитетот и територијалниот интегритет на Сирија. Повика итно да прекинат воздушните напади. Од молскавичната бунтовничка офанзива со која беше соборен сирискиот претседател Башар ал-Асад претходно овој месец, Израел изврши стотици воздушни напади за кои вели дека се насочени кон уништување на стратешкото оружје и воената инфраструктура.
„Суверенитетот на Сирија, нејзиното територијално единство и интегритет мора да бидат целосно обновени и сите акти на агресија мора веднаш да престанат“, изјави Гутереш за новинарите.
Израелските трупи се распоредени и во демилитаризираната зона меѓу Сирија и Голанската висорамнина окупирана од Израел. Израелските власти рекоа дека тоа е ограничена и привремена мерка за обезбедување на границите на Израел, но не кажаа кога војниците би можеле да бидат повлечени.
„Да бидам јасен: Не треба да има воени сили во тампон зоната освен мировници на ОН, точка. Израел и Сирија мора да ги почитуваат условите од Договорот за поделба на силите од 1974 година, кој продолжува да биде во целост во сила“, рече Гутереш.
Според него, напорите на ОН се насочени кон обезбедување „инклузивна, кредибилна и мирна“ политичка транзиција во Сирија и обезбедување на движење на помошта за справување со една од најголемите хуманитарни кризи во светот.