Заменик министерката за европски прашања Викторија Трајков се сретна со повеќечлена делегација од Шведската агенција за миграција (SMA), државна институција одговорна за управување со прашањата поврзани со миграцијата во Шведска. Од делегацијата предводена од шведската амбасадорка во Скопје, Ами Ларсон Џеин ја истакнаа посветеноста на Шведската Влада кон миграцијата како клучен приоритет, нагласувајќи дека активно работат на зајакнување на меѓународната соработка за поддршка на безбедна, контролирана и легална миграција.
Претставниците на Шведската агенција за миграција споделија информации за тековната студија која ќе постави основа за нова програма насочена кон јакнење на капацитетите за миграција во земјите на Западен Балкан, вклучително и Република Северна Македонија. На средбата беше дискутирано за моменталните предизвици во областа на миграцијата, како и за приоритетите на државата, особено во контекст на борбата против нерегуларната миграција, спречувањето на трговијата со луѓе, управувањето со визните прашања и подобрувањето на капацитетите на притворските центри.
Заменик министерката Трајков го поздрави интересот на Шведска за унапредување на соработката, истакнувајќи ја важноста на миграционата политика за процесот на пристапување кон Европската Унија. Таа нагласи дека јакнењето на институционалните капацитети и регионалната координација се клучни за ефикасно справување со миграциските предизвици. Двете страни се согласија дека развојната соработка најдобро се спроведува преку тесна координација со релевантните државни органи, земајќи ги предвид тековните активности. Средбата беше завршена со заедничка заложба за продолжување на дијалогот и развивање на понатамошната соработка.