Почетна МакедонијаСтариот сјај на Макфест не се враќа, но затоа се презентираат модерни песни кои го одбележуваат новото време!

Стариот сјај на Макфест не се враќа, но затоа се презентираат модерни песни кои го одбележуваат новото време!

од nenad
2 минути читај за


Викендов во Штип се одржа 39-то издание на реномираниот фестивал на забавни песни – Макфест 2024. За време на двете фестивалски вечери на сцената продефилира нови музички надежи, но и веќе докажани музички имиња помеѓу кои Елена Ристеска, Дарио, Антониа Гиговска, Дани Димитровска…

Со нов, модерен концепт, Макфест веќе неколку годни наназад има ревијален карактер и не се избира победник. Наместо гласање и награди за најдобри песни според публика и жири, се доделува награда за најслушана песна помеѓу два фестивала.
Годинава наградата од 2.000 евра ја добија Таско и Малена за песната ,,Сафир”.

Македонската забавна музика е збогатена со нови 28 песни, кои ќе остават белег на новото време.
Наградата за најслушана песна меѓу двата фестивала заслужено ја понесе песната ,,Сафир” испеана од Малена и Таско која стана најслушан регионален хит со над 1.8 милиони прегледи на Јутјуб, истакна штипскиот градоначалник Иван Јорданов.

Фестивалот успеа да го привлече вниманието на пошироката јавност и е актуелна тема деновиве. На социјалните мрежи се полемизира дали сегашниот, осовремен Макфест, или пак Макфест од минатите времиња, кога беше популарен ширум Југославија и доаѓаа гости од сите поранешни републики, нудел подобри музички содржини.

Многумина се носталгични по стариот концепт на фестот, но и по квалитетните песни кои произлегоа од манифестацијата и станаа евергрини. Дел од јавноста пак, со комплименти го дочека новото издание, и актуелна е пораката дека ова е еден од ретките традиционални настани, каде се негува домашната музика и со кој се збогатува македонската музичка сцена.

Никогаш нема да можеме да го вратиме стариот сјај на Макфест, но затоа работиме да можеме да го презентираме новиот сјај на Макфест и новото време, односно како што бара публиката.
Во таа насока беа напорите да се создадат нови услови и да се презентираат модерни хитови кои ќе го одбележат новото време, изјави градоначалникот Јорданов на прес конференцијата која се одржа пред почетокот на фестот. Општина Штип е организатор на Макфест, а настанот е поддржан со околу сто илјади евра, средства од општинскиот буџет и од спонзори.