Table of Contents
Прочитајте какви навики имаат луѓето чиј дом секогаш е чист и уреден
Честопати им завидуваме на пријателите чии домови секогаш се беспрекорно чисти и организирани, уверени дека тие поседуваат некоја посебна вештина или таен талент. Но вистината е многу поедноставна – уредниот дом е резултат на навика, добра организација и доследност, а не на перфекционизам.
Во продолжение ви ги откриваме клучните навики на луѓето кои успеваат без голем стрес да одржуваат ред и хигиена во својот животен простор…
1. Планирање и поставување приоритети
Луѓето со организирани домови не ѝ ги препуштаат работите на случајноста. Тие однапред ги планираат обврските, прават листа на задачи и јасно ги одредуваат приоритетите. Дневните, неделните и месечните планови им помагаат да не им се натрупаат обврски.
Пример: На почетокот од неделата одлучете што ви е најважно – чистење на кујната, перење алишта или средување на работната маса – и распоредете ги обврските по денови.
2. Доследна рутина
Клучот на уредноста е во редовните, мали чекори. Наместо повремени исцрпувачки генерални чистења, успешните домаќинки одржуваат секојдневна рутина и така го спречуваат нередот.
Пример: Навиката веднаш да ги избришете кујнските површини и да ги измиете садовите по оброците ќе направи кујната речиси секогаш да изгледа уредно.
3. Помалку предмети – помалку неред
Минимализмот не значи откажување, туку свесно задржување на она што навистина ви треба. Луѓето ро уредни домови редовно се ослободуваат од вишокот работи и на секој предмет му наоѓаат постојано место.
Поврзани објави
Пример: Повремено прегледувајте ја гардеробата и издвојувајте ја облеката што не ја носите веќе. Донирајте ја или подарете ја – така ослободувате простор и го олеснувате одржувањето на редот.
4. Сѐ се враќа на своето место
Една од најважните навики е работите веднаш да се враќаат таму каде што припаѓаат. Така се спречува насобирањето ситен неред кој со текот на времето прераснува во хаос.
Пример: Кога ќе земете книга, по читањето, вратете ја на полицата наместо да ја оставите на маса или на кауч.
5. Спречување на нередот однапред
Луѓето кои сакаат ред размислуваат однапред и преземаат мали чекори за да спречат хаос. Тоа може да бидат едноставни правила и практични решенија во секојдневниот живот.
Пример: Поставете простирки на влезот, воведете собување на чевлите во ходникот или наместете куки за клучевите за да не разнесувате дреболии по дома.
6. Вклученост на целото семејство
Уредниот дом не е одговорност само на еден човек. Кога сите членови на семејството учествуваат во одржувањето на просторот, редот станува полесен и поприроден.
Пример: Јасно поделете ги обврските – кој фрла ѓубре, кој ја средува бањата, а кој води сметка за кујната – така секој ќе си ја знае својата одговорност.
ФОТО: Clay Banks / Unsplash