Принцезата Шанин сакала да има целосна слобода – еден маж не ѝ бил доволен
Принцезата Шанин, позната и по титулата принцезата Куаиџи, родена како Лиу Чуиу, потекнувала од династијата Лиу Сонг. Лиу била најстарата ќерка на царот Ксиаов и неговата жена, царицата Ванг Сјанџуан.
За време на владеењето на нејзиниот татко, таа била именувана како принцезата Шанин и била омажена за Хе Џиа, син на службеникот Хе Иан. Откако нејзиниот татко починал во 464 година, нејзиниот помал брат Лиу Зие, тогаш само 15 години стар, станал цар.
Лиу Зие подоцна бил обвинет дека учествувал во оргии со жени и евнуси, бил поврзуван со дела на садизам, а по својот карактер бил споредуван со римскиот цар Елагабал.
Еден ден, Шанин одлучила дека има право да ужива во истата слобода како и брат ѝ.
„Иако половите ни се различни, родени сме од ист татко. Но, Вие имате повеќе од 10.000 жени во вашите палати, а јас имам само еден маж и тоа не е во ред“, напишала таа во молбата.
Поврзани објави
Како одговор на желбите на принцезата, царот ѝ дозволил да одбере 30 младичи за себе, кои ќе ѝ бидат љубовници. Од тоа време, изразот „мианшоу“ се користи за да се опишат љубовниците на жена од одреден ранг.
Меѓутоа, принцезата не била сосема задоволна од отстапката на нејзиниот брат.
Еден ден го видела службеникот Чу Јуан, кој бил млад и згоден. Принцезата го замолила царот да ѝ го додели како љубовник. Царот се согласил и на Чу му било наредено да ѝ служи на принцезата. Но по десет залудни обиди и искушенија, тој одбил да има сексуални односи со неа и таа го ослободила.
Во 465 година, царот бил убиен од страна на неговиот помошник Шоу Џижи, а неговиот вујко Лиу Ју, станал цар Минг. Дури и пред да го преземе престолот, тој издал едикт во име на својата баба, царицата Лу, осудувајќи ги принцезата Куаиџи поради нејзиниот неморал и разврат, и нејзиниот брат поради неговото насилно однесување, и им наложил на двајцата да извршат самоубиство.