Почетна ЕкономијаЃорѓиевски: Скопје се унапредува и дигитализира – ја промовираме „ЕкоСкопје“

Ѓорѓиевски: Скопје се унапредува и дигитализира – ја промовираме „ЕкоСкопје“

од nenad
2 минути читај за

Градоначалникот на Град Скопје, Орце Ѓорѓиевски, денеска учествуваше во промоцијата на платформата „ЕкоСкопје“ (https://ekoskopje.skopje.gov.mk), ново дигитално решение со кое граѓаните полесно ќе пријавуваат еколошки проблеми, а градските служби ќе добиваат конкретни информации за поорганизирано постапување.

– Кога ќе забележите дива депонија, проблем со контејнер или друг еколошки проблем, преку платформата испраќате пријава со точна локација, фотографија и краток опис. Така, службите полесно ќе го пронајдат местото и ќе имаат појасна слика за состојбата на терен. По поднесувањето, можете да го следите статусот на пријавата. За граѓаните тоа значи полесно пријавување, поголем увид во постапувањето и подиректна комуникација со институциите. За нас, тоа е дополнителна обврска за одговорност и видливи резултати. Зад секоја пријава стои наш сограѓанин кој очекува решение. Затоа, вредноста на оваа платформа ќе ја мериме преку решените проблеми и промените што граѓаните ќе ги почувствуваат во своето маало – изјави Ѓорѓиевски.

Градоначалникот Ѓорѓиевски истакна дека продолжуваат вложувањата и во опрема и во дигитални решенија, а оваа апликација е пример како младинската идеја станува дело во служба на нашиот град.

– Набавивме 3.300 нови контејнери, најголемата ваква набавка во историјата на градот, како и нови камиони за собирање смет, цистерни и метларки. Во тек е и постапката за воведување видеонадзор, кој ќе помогне во откривањето и постапувањето против оние што намерно создаваат диви депонии. Јавната чистота е колективна одговорност. Наша должност е да обезбедиме услови и да постапуваме, а заедничка должност е да го чуваме градот. Технологијата ни дава нова можност, а нашата посветеност треба да ја претвори во почисто и поуредено Скопје. Вашата иницијатива покажува колку можат младите кога ќе добијат простор и поддршка. Во мене и во Град Скопје секогаш ќе имате партнер. Го унапредуваме Скопје, ги дигитализираме услугите и ја доближуваме градската управа до граѓаните – рече Ѓорѓиевски.

Градоначалникот Ѓорѓиевски ги повика граѓаните да ја користат платформата и со точни локации, фотографии и корисни информации да придонесат за побрзо лоцирање на проблемите и изрази благодарност до Европската Унија за финансиската поддршка, до ЛЕАД, а особено до младиот Андреј и целиот тим ентузијасти кои со знаење, труд и верба во својата идеја ја создадоа „ЕкоСкопје“.