Здруженија на граѓани, фирми, училишта и општините од источниот регион денеска во Штип беа дел од прославата на 30-годишнината на УНДП во Македонија.
По овој повод, на пешачката зона „Ванчо Прќе“ беа поставени штандови, експонати и фотографии кои го потврдуваат вложувањето и поддршката на Програмата за развој на Обединетите нации (УНДП) во Општина Штип и Брегалничкиот регион.
Постојаниот претставник на УНДП во Македонија, Армен Григорјан, во своето обраќање нагласи дека по големата несреќа во Кочани, упатува порака на длабока солидарност и отпорност.
Григорјан изјави дека денешната прослава на јубилејот не е само одбележување на присуството на Програмата на ООН за развој во нашата земја, туку под слоганот „30 години УНДП – заедно за подобра иднина“ се чествуваат заедничките партнерства и довербата.
“Овој настан организиран во тесна соработка со општините од Источниот плански регион, а на којшто домаќин е Општина Штип го симболизира поентата на она што е на ова патување и всушност ние направивме една пресметка и се покажа дека 70% од проектите и работата не се во главниот град, туку се во различните региони.” Во источниот регион, навистина сме горди што имаме работено во сите општини, рече Григорјан.
Министерот за локална самоуправа, Златко Перински, во своето излагање напомена дека времето минува брзо, но резултатите од инвестициите и помошта на УНДП остануваат трајни.
Тој истакна дека УНДП ја поддржува Владата во остварувањето на Програмата која е насочена кон економски прогрес и развој на целата држава, а главниот фокус беше процесот на децентрализација, преку помагање на општините во зајакнување на нивните капацитети, услуги и вклучување на граѓаните во донесувањето на одлуки.
“Нашето партнерство претставува пример за ефикасна и доверлива институционална соработка за унапредување на локалниот развој и градење на инклузивни, одржливи и отпорни општини. Меѓутоа тоа е процес, којшто постојано мора да се негува и унапредува, со цел успешната соработка и постигнување на посакуваните резултати да бидат визибилни”, рече Перински.
Министерот Перински додаде дека поддршката на УНДП е значајна и суштинска во зајакнувањето на Советите на општините, а токму благодарение на оваа соработка голем дел од општините се пофункционални, потранспарентни и подготвени да одговорат на потребите на своите жители.
“Меѓу позначајните заеднички активности е и поддршката на процесот за измени на Законот за локална самоуправа, којшто во моментов е во Собраниска процедура, за првпат во овие две децении овој Закон беше отворен за реформи, поставувајќи посовремени услови за ефикасно, отчетно и поефикативно управување на локално ниво”, вели Перински.
Тој додаде дека поддршката од страна на УНДП е голема преку грантови за инфраструктурни проекти за општините, како и за изработка на техничка документација. Во 23 општини веќе се дигитализирани, а до крајот на 2026 година ќе бидат дигитализирани сите општини во земјата.
Градоначалникот на Општина Штип, Иван Јорданов, рече дека во изминатите три години, заедно со тимот на УНДП, реализирани се активности за побрзо вклучување на Ромите, во делот на економското јакнење и овозможување услови за образование за возрасни.
“Истовремено работевме и на социјалната кофезија на локалното население со повратниците, при што во рамки на проектот се изгради спортско и детско игралиште и парк во рамки на планираната населба за домување во Општина Штип. Во регионот УНДП донаторите дадоа голем придонес во јакнењето на капацитетите на општинската админситрација и во вклучувањето на граѓаните во процесите на донесување на одлуки чиј резултат е и во осветувањето на река Отиња”, вели Јорданов.
Тој додаде дека во моментов се реализира и проект, односно изработка на техничка документација за платформата И Логес за е-услуги, а се спроведува во сите општини на Источно планскиот регион.
Ректорот на Универзитетот „Гоце Делчев“ – Штип, Дејан Мираковски, се заблагодари за 30-годишната соработка со УНДП на различни проекти, а пред сè во делот на загадувањето на воздухот, како и во поддршката за јакнење на капацитетите на лабораторијата АМБИКОН.