Почетна ЕкономијаШпанија ѝ постави ултиматум на Италија: Укинете ги граничните контроли или следуваат реципрочни мерки

Шпанија ѝ постави ултиматум на Италија: Укинете ги граничните контроли или следуваат реципрочни мерки

од nenad
1 минути читај за

Шпанија упати остро предупредување до Италија, барајќи Рим најдоцна до 9 август да ги укине привремените гранични контроли за патниците кои пристигнуваат од Шпанија. Во спротивно, шпанската Влада најави дека ќе одговори со реципрочни мерки, пренесува бриселскиот портал „Политико“.

Италија на 1 август повторно воведе контроли на патниците што доаѓаат од Шпанија, привремено отстапувајќи од правилата на Шенген-зоната, со образложение дека мерката е неопходна поради миграциските притисоци поврзани со ситуацијата во Сеута.

Италијанскиот министер за надворешни работи Антонио Тајани изјави дека целта на одлуката е да се гарантира безбедноста на италијанските граѓани и да се заштитат надворешните граници на Европската Унија.

Од Мадрид, пак, оценуваат дека ваквата мерка е неоправдана и дискриминаторска.

„Одлуката на италијанската Влада е неправедна, спротивна на интересите на Европската Унија и дискриминаторска кон шпанските граѓани“, се наведува во реакцијата на шпанската Влада.

Шпанските власти дополнително истакнуваат дека Италија ја критикува миграциската политика на Шпанија, иако и самата се соочува со значително поголем број нерегуларни преминувања на границите.

„Иако Италија во последните години регистрираше најголем број илегални преминувања на границата меѓу земјите членки на ЕУ, понекогаш и двојно повеќе од Шпанија, Мадрид никогаш не вовел гранични контроли за патниците кои пристигнуваат од Италија“, нагласуваат шпанските власти.

Владата во Мадрид му даде рок на Рим до 9 август да ја преиспита својата одлука. Во спротивно, најавува воведување реципрочни мерки со цел, како што наведува, да ги заштити интересите и достоинството на шпанските граѓани.

Во соопштението се повикува и на почитување на европските вредности, со порака дека државите членки треба да градат соработка и меѓусебна доверба, наместо да отвораат нови тензии поради внатрешнополитички причини.