„Шокиран сум од денешната навреда што министерката за финансии, Кочоска, ја упати кон пратеничката Славјанка Петровска. Нејзината дрска и понижувачка изјава – дека Петровска не може да знае колку троши едно четиричлено семејство затоа што нема деца, ме згрози“, реагира претседателот на СДСМ, Венко Филипче на социјалните мрежи. На денешната собраниска седница за пратенички прашања, министерката за финансии Гордана Димитриеска Кочоска ѝ кажа на пратеничката Петровска дека нема право да зборува за потребите на четиричлено семејство. Наместо аргументи и дебата во Собранието, сведочиме на лични дискредитации, што е добро познат начин на одбрана на ВМРО-ДПМНЕ, напиша Филипче: „Секогаш кога се соочени со критика, нивниот одговор не е дебата, туку омаловажување“.
Тој изрази жалење што „Славјанка повторно е мета на напади“. „Не така одамна беше жртва на дискредитации и лаги од страна на пратеникот Ковачки. Често сме сведоци и на јавни исмевања и навреди од поддржувачи на ВМРО-ДПМНЕ на социјалните мрежи, дури и на нејзиниот изглед. Тоа е нивната политичка култура – навреди, дискредитации и насилна реторика“, остро критикува Филипче во својата објава и истакнува дека „Славјанка е силна жена и врвен професионалец, човек кој секогаш се однесува со почит кон сите – за разлика од оние што ја напаѓаат“, вели лидерот на СДСМ.
Според Филипче, со доаѓањето на ВМРО-ДПМНЕ на власт, „сведочиме на пад на политичката култура и голема нетолеранција кон критиката“. Според него, ако ова е нивното однесување на самиот почеток, во првите моменти на нервоза, можеме само да замислиме што ќе следува. Тој побара од сите граѓани кои веруваат во демократските вредности да го осудат овој срамен чин. „Не смееме да дозволиме омаловажувањето и навредите да станат новата нормалност. Ова не е само напад врз Славјанка – ова е напад врз сите жени“, напиша Филипче.