Почетна ЕкономијаЧивнинг стипендии: Апликации отворени до 7 октомври за постдипломски студии во Велика Британија

Чивнинг стипендии: Апликации отворени до 7 октомври за постдипломски студии во Велика Британија

од nenad
2 минути читај за

Пријавувањето за престижните стипендии Чивнинг, кои овозможуваат едногодишни постдипломски студии во Велика Британија, е отворено од денес и ќе трае до 7 октомври 2025 година.

Заинтересираните кандидати можат да ги достават своите пријави преку онлајн формуларот достапен на www.chevening.org/apply.

Британската амбасада известува дека програмата нуди целосно финансирани магистерски студии на универзитетите во Велика Британија. Оваа можност е наменета за поединци кои имаат желба да предизвикаат позитивни промени во своите татковини и во светски рамки.

Стипендиите Чивнинг се дел од глобалната програма на Владата на Велика Британија, финансирана од Министерството за надворешни работи, Комонвелт и развој. Тие ја поддржуваат можноста за студирање на британски универзитети за едногодишни магистерски студии за личности кои покажуваат потенцијал да станат идни лидери, креатори на одлуки и мислења.

Се потенцира дека стипендијата обезбедува комплетна финансиска поддршка за едногодишни магистерски студии на кој било универзитет во Велика Британија и овозможува стекнување ексклузивни академски, професионални и културни искуства. Во текот на повеќе од 40 години, Чивнинг привлече стотици илјади апликации од целиот свет.

Успешните кандидати се оние кои можат јасно да демонстрираат исклучителни лидерски способности, како и вештини за влијание и поврзување, преку убедливи примери поткрепени со докази.

Британскиот амбасадор во Северна Македонија, Метју Лосон, истакна дека строгиот процес на селекција на Чивнинг гарантира дека оние кои се избираат да станат стипендисти се најинтелигентните и најмотивираните поединци од целиот свет. Тој додава: “-Алумните на Чивнинг го користат своето образование од светска класа, глобалните мрежи и самодовербата стекната во Обединетото Кралство за да создадат значајна, трајна промена по нивното враќање дома, без разлика дали тоа го прават преку справување со глобалните предизвици или преку остварување на реално влијание во сопствените заедници.”

Лосон ги охрабрува потенцијалните кандидати: “Доколку јасно можете да покажете дека ги поседувате потребните вештините за да им се придружите – извонредни лидерски способности, како и способности за влијание и вмрежување – ве охрабрувам да аплицирате. Доколку сè уште не сте стигнале до тоа ниво, ве охрабрувам да одвоите време за да го изградите искуството што ќе ја направи вашата апликација конкурентна. Постојано сум инспириран од посветеноста и мотивацијата на заедницата на Чивнинг и со нетрпение очекувам да видам што ќе донесе следната генерација лидери.”

Потенцијалните кандидати можат да ги достават своите пријави преку chevening.org/apply. Пред да аплицираат, кандидатите се советуваат да ги разгледаат достапните ресурси на chevening.org/guidance и да проценат дали се подготвени да достават конкурентна апликација.

Од започнувањето на програмата во 1983 година, над 60.000 професионалци ги унапредиле своите кариери преку Чивнинг, што ја покажува посветеноста на Велика Британија за развивање на лидери за иднината.

За подетални информации за критериумите за подобност и спецификите на стипендиите, посетете ја веб-страницата chevening.org.

Фото: Амбасада на Велика Британија.