Table of Contents
Брзо се подготвуваат, практични се и омилени се во многу семејства. Сепак, виршлите спаѓаат во преработеното месо, чија редовна консумација се поврзува со зголемен ризик од рак на дебелото црево.
Виршлите, колбасите, саламите и сланината се преработени месни производи за кои здравствените експерти препорачуваат умерена консумација. Светската здравствена организација (СЗО) во 2015 година ги вклучи во групата 1 на канцерогени фактори, што значи дека постојат цврсти научни докази за нивната поврзаност со појавата на рак.
Колку се зголемува ризикот?
Според анализата на Меѓународната агенција за истражување на ракот (IARC), секојдневното консумирање 50 грама преработено месо е поврзано со околу 18 отсто поголем релативен ризик од рак на дебелото и завршното црево.
Ова не значи дека 18 отсто од луѓето што јадат виршли ќе заболат од рак. Ризикот се зголемува со количеството преработено месо што редовно се консумира, па предупредувањата се однесуваат пред сè на долготрајните навики.
Што содржат виршлите?
Поврзани објави
Освен месо, вода, сол и зачини, виршлите може да содржат нитрити и нитрати, означени на декларациите како Е249, Е250, Е251 и Е252. Овие адитиви помагаат во спречувањето на развојот на опасни микроорганизми, ја зачувуваат бојата и вкусот на производот, но во одредени услови може да учествуваат во создавањето нитрозамини.
Некои нитрозамини можат да го оштетат генетскиот материјал на клетките. Европската агенција за безбедност на храната (EFSA) во 2023 година предупреди дека изложеноста на овие соединенија преку храната претставува здравствен проблем.
Дали треба целосно да ги исфрлите?
Повременото јадење виршли не е причина за паника, но нивното секојдневно консумирање не е добар избор за долгорочното здравје.
Почесто избирајте риба, јајца, мешунки и свежо месо, а во исхраната вклучете доволно овошје, зеленчук и намирници богати со растителни влакна. При купувањето проверувајте ги декларациите и количеството сол, но имајте предвид дека и производите со пократок список на состојки остануваат преработено месо.
Фото: pexels