Цените на нафтата денес бележат нов раст на светските берзи, поттикнати од геополитичките тензии на Блискиот Исток и стравувањата од можни нарушувања во глобалното снабдување со енергенси.
Според последните податоци од светските пазари, северноморската нафта „Брент“ се продава по цена од околу 105 долари за барел, додека американската сурова нафта WTI се движи околу 100 долари за барел.
Аналитичарите предупредуваат дека инвеститорите остануваат претпазливи поради неизвесноста околу безбедноста на транспортните рути во регионот на Персискиот Залив, особено околу Ормутскиот Теснец – една од најважните точки за светската трговија со нафта.
Во изминатите денови пазарот реагираше чувствително на секоја информација поврзана со можни ограничувања во снабдувањето, што дополнително ги турка цените нагоре. Дел од експертите сметаат дека доколку тензиите продолжат, можно е цената на „Брент“ повторно да надмине 110 долари за барел.
Растот на цената на нафтата директно влијае и врз цените на горивата, транспортот и инфлацијата во голем број земји. Економистите предупредуваат дека продолжен период на високи цени на енергенсите може да создаде дополнителен притисок врз економскиот раст и животниот стандард.
Во меѓувреме, трговците и инвеститорите внимателно ги следат потезите на големите производители на нафта, како и евентуалните одлуки на OPEC+ за идното производство и извоз.