Францускиот премиер Себастијан Лекорни планира да воведе данок на лица со годишен приход поголем од 250.000 евра, со намера да ги привлече опозициските социјалисти да го поддржат буџетот за 2026 година на неговата нова француска Влада, објави денес финансискиот весник „Ехо“.
Весникот потенцира дека Лекорни планира две мерки, од кои секоја би била насочена кон даночните обврзници кои пријавуваат заработка над 250.000 евра, или 500.000 евра за брачни парови, со цел да се зголемат буџетските приходи за дополнителни три милијарди евра во текот на следната година.
Првата мерка би била повторно воведување на еднократниот данок кој беше воведен минатата година од претходникот на Лекорни, Франсоа Бајро, таканаречениот CDHR (диференцијален придонес за високи приходи) или „минимален данок“, што има за цел да обезбеди сите домаќинства со високи приходи да плаќаат најмалку 20 проценти од својот приход во даноци.
Малцинската влада, исто така, има за цел да ја прекине праксата на супербогатите да ги користат холдинг компаниите како еден вид каса, како дел од акцијата за оптимизација на даноците предводена од министерката за буџет и јавни расходи во заминување, Амели де Моншален.
„Ехо“ наведува дека Министерството за финансии идентификувало околу 30.000 финансиски структури кои би биле опфатени со оваа мерка, особено оние кои собираат дивиденди, но никогаш не ги прераспределуваат, со што избегнуваат плаќање данок на дивиденди.
Според весникот, мерката поврзана со холдинг компаниите треба да донесе нешто повеќе од една милијарда евра во 2026 година, а заедно со останатите мерки, вкупниот очекуван дополнителен придонес на најбогатите поединци би изнесувал помеѓу четири и 4,5 милијарди евра.
Лекорни минатиот месец стана петтиот премиер на францускиот претседател Емануел Макрон за две години, откако парламентот го разреши Бајру поради неговите планови за спроведување на буџетски кратења од 44 милијарди евра следната година.