



Претседателот на Собранието, Африм Гаши, оствари средба со претставници на раководството на Стопанската комора на Македонија – Турција (МАТТО), на која се разговараше за економската соработка и трговската размена меѓу двете пријтелски земји, како и за можностите за олеснување на процедурите за привлекување повеќе турски инвеститори.
На средбата со претседателот Гаши присуствуваа претседателот на МАТТО Ајдован Адемоски, копретседателот Билал Суџубаши, заменик-претседателите на Комората, Имер Селмани и Есер Џевахир и Шахпаз Молалиев, извршен директор. Соговорниците разменија мислења околу можностите за понатамошна операционализација на Договорот за слободна трговија меѓу Република Северна Македонија и Република Турција и на билатералниот Договор за соработка.
Во таа насока е најавена и понатамошна координација, со цел создавање поповолни услови и надминување на административните пречки за динамизирање на економската соработка, како и на студентската размена. Беше истакнато дека Турција е петта по ред држава со инвестиции во земјава, но дека капацитетите за соработка на ова поле се уште поголеми, со оглед на тоа што станува збор за традиционално пријателски држави.