Во Србија, во периодот од 2009 до 2023 година, на темел на конечни судски одлуки поврзани со случаи на корупција, одземен е недвижен имот со површина од приближно 40,300 квадратни метри, во вредност од 3,77 милијарди динари (приближно 32 милиони евра), како и 26 овци и една коза.
Само во текот на изминатата година, запленети се околу 38,000 квадратни метри недвижнини, со проценета вредност од околу 368 милиони динари.
Анализата на податоците на крајот од 2023 година покажува дека Дирекцијата за управување со одземен имот трајно конфискувала згради и други објекти во вредност од 4,14 милијарди динари (35,38 милиони евра), пренесува Бета.
Според донесените решенија, одземени се и патнички и товарни возила со проценета вредност од 154,7 милиони динари (1,32 милиони евра), при што најголемиот дел биле привремено конфискувани, додека осудените дефинитивно биле лишени од возила во вредност од околу 42 милиони динари (358,974 евра).
Во финансиските извештаи на Дирекцијата се евидентирани и расходи за одржување на еден недвижен имот кој бил привремено одземен во 2011 година, а во текот на минатата година беше обновена неговата покуќнина – тросед и четири фотелји.
“Дирекцијата го спроведе набавниот процес преку електронска пошта, при што беа поканети три потенцијални понудувачи, со образложение дека основен критериум за избор ќе биде најповолната цена”, утврдиле ревизорите на Државната ревизорска институција.
Добавувачот добил 285,000 динари (2,436 евра) за набавениот мебел, а за три клима уреди биле исплатени 396,000 динари (3,385 евра).
Ревизорите констатирале дека Дирекцијата претходните години не извршила попис на имотот што го одземала. Попис бил спроведен во рамките на ревизијата, но не можело да се изврши физичко пребројување на целата имотна состојба.
“Имајќи предвид дека Дирекцијата управува со голем и разновиден имот, кој се наоѓа низ цела Србија, пописната комисија не беше во можност физички да го обиколи целиот имот, туку пописот го изврши врз основа на помошни евиденции што се водат во Дирекцијата”, наведуваат ревизорите.
Во 2011 година, Дирекцијата ангажирала експерти за проценка на привремено одземени предмети од историска и уметничка вредност, но нивната вредност, според ревизорите, не била утврдена, туку за потребите на книжење, секој предмет бил проценет на околу 1,000 евра.
Овие предмети биле предадени на чување во Историскиот музеј и Архивот на Србија.
Готовина, како и предмети од благородни метали, скапоцени и полускапоцени камења и бисери, биле доверени на чување во Народната банка на Србија, но според ревизорите, тие предмети немаат утврдена вредност, туку само описи.
Во текот на 2024 година, Дирекцијата ја продала одземената стока – 26 овци и една коза – по прибирање на три понуди, при што како најповолна била избрана понудата на „Алекспродукт“ од 4,500 динари (38 евра без ДДВ) по грло, или вкупно 138,000 динари (1,179 евра).
ссм/фото: архива.