Почетна ЕкономијаЕК без коментар за најавите од САД за одложување на царините и испраќање писма до трговските партнери

ЕК без коментар за најавите од САД за одложување на царините и испраќање писма до трговските партнери

од nenad
2 минути читај за

Европската комисија не сакаше да даде коментар за најавите кои пристигнаа од Вашингтон во врска со одложувањето на влегувањето во сила на одлуката за тарифи од 50 отсто за увоз во САД до 1 август, како и за испраќањето писма со детали за нови даночни стапки и трговски спогодби до американските економски партнери, рече денес портпаролот на ЕК за економска безбедност, трговија и царини, Олоф Гил.

“Морам да истакнам дека овие прашања треба да бидат насочени кон другата страна на Атлантикот, а не тука.”

“Нема да коментираме писма што не сме ги добиле, а исто така нема да коментираме коментари од Американската администрација,” изјави Гил како одговор на прашање за реакција на најавите од Вашингтон.

Гил напомена дека ЕУ продолжува да соработува со САД за да се постигне трговски договор и во тој контекст се одржуваат редовни контакти на политичко и техничко ниво. “Целосно сме посветени на постигнување договор што ќе биде во корист на бизнисите и потрошувачите од ЕУ и на глобалната економија како целина. Тоа беше нашата цел од самиот почеток,” додаде Гил.

Тој потенцираше дека ставот на ЕУ во врска со тарифите е константен и таа се уште смета дека тие се деструктивни и сака да го спречи нивното наметнување. “Наша цел останува да постигнеме договор до 9 јули,” додаде Гил.

Според Гил, во изминатиот период е регистриран “значаен напредок” во разговорите меѓу ЕУ и САД, особено за време на минатонеделната посета на еврокомесарот за трговија и економска безбедност, Марош Шефчович, на Вашингтон, и дека комуникациите се во тек.

Во тој контекст, заменик главниот портпарол на ЕК, Стефан де Керсмакер, потврди дека претседателката на Европската комисија, Урсула фон дер Лајен, вчера имала телефонски разговор со американскиот претседател Доналд Трамп, во кој оствариле “добра размена на мислења.”

Американскиот секретар за финансии, Скот Бесант, вчера објави дека стапувањето во сила на одлуката за воведување на генерална царинска стапка до 50 проценти за увозот на стоки и услуги во САД се одложува до 1 август. Оваа одлука беше донесена во април, но потоа нејзиното стапување во сила беше одложено за 9 јули, а сега следи најава за повторно пролонгирање на важноста на овие мерки.

Трамп, пак, најави дека од денес Вашингтон ќе почне со испраќање официјални писма до своите трговски партнери со детали за нови давачки и трговски спогодби. “Писмата со договори или царини ќе бидат испратени до различни земји низ светот од понеделник напладне (18:00 по Гринич),” објави Трамп на платформата Трут Соушл.