Фондацијата „ЗАЕВ – Едно општество за сите“ ја продолжува својата поддршка за младите сонувачи со отворени очи кои поседуваат силна визија и веруваат во нивната способност да постигнат успех и да се прилагодат на современиот свет. Оваа поддршка не само што им помага да го остварат својот потенцијал, туку и го прикажува присуството на нашата земја на глобално ниво.
Нов случај е Мартина Димоска, студентка запишана на магистерската програма за вселенски студии на Меѓународниот вселенски универзитет.
Во претстојниот месец, младата и амбициозна Мартина ќе учествува во Аналогната астронаутска мисија, организирана во рамките на заштитениот национален парк во Шпанија. Оваа мисија, поддржана од стартапот ICEE Space и Astroland Interplanetary Agency, поддржан од Европската вселенска агенција (ESA), ќе се одвива во пештери. Мисијата ќе ја предводи Алес Свобода, резервист на астронаути на ЕСА, а екипажот ќе се состои од истражувачи поддржани од реномирани научни институции.
За да го олесниме вклучувањето на Мартина во овој проект, нашата фондација обезбеди финансиска поддршка во износ од 185.000 денари, што го покрива вкупниот потребен буџет за оваа намена.
Фондацијата „ЗАЕВ – Едно општество за сите“ апелира до националните институции, организации и фондации да ја дадат својата поддршка во напорите на Мартина како прва жена од Балканот и од Македонија која служи како аналоген астронаут. Преку оваа поддршка, можеме да овозможиме пренесување на нејзините знаења и искуства на други млади аспиранти, а истовремено и помагаме на Северна Македонија да стигне и да остане на исто ниво со соседните земји во вселенскиот сектор.