Ивана Темелкоска ни го сподели нејзиниот рецепт за посно гиро со тофу
Кога станува збор за брзата храна, веге-верзиите на пицата и хамбургерот одамна не претставуваат предизвик за кулинарските експерти, но гирото е поинаков случај. „Имам експериментирано со многу состојки за да приготвам вкусно веге-гиро и ова е мојот омилен рецепт. Фантастичен посен и здрав оброк што несомнено ќе ви ја задоволи потребата за брза храна“, вели Ивана Темелкоска (@madmona7), авторката на овој вкусен специјалитет.
ПОСНО ГИРО СО ТОФУ
Состојки:
- пита лепчиња
- 300 г цврсто тофу
- 200 г шери домати
- маслиново масло
- кромид
- лут сенф
За ѕаѕики:
- 200 г вегански јогурт
- 2 чешниња лук
- 1 поголема краставица
- 1/2 лажиче сол
- сок од половина лимон
- 3 лажици ситно сечкан свеж копар
- 1 лажица маслиново масло
Поврзани објави
За маринада за тофуто:
- 2 лажици сончогледово масло
- 2 лажици соја-сос
- 1 лажица оцет балсамико
- зачини: по 1 лажиче црвен бибер, чили во прав, оригано, лук во прав, кромид во прав
- прстофат цимет и мускатно оревче
Приготвување:
1. Пригответе го ѕаѕикито. Изрендајте ја краставицата и посолете ја, па оставете ја да ја испушти водата. Потоа исцедете ја, додајте ги другите состојки, измешајте добро и оставете го сосот во фрижидер.
2. Пригответе го тофуто. Прво, исцедете го помеѓу две хартиени салфетки или на кујнска крпа. Обложете го од двете страни и потиснете го со нешто тешко и оставете го да отстои еден до два часа. Потоа, исечкајте го на коцки или изрендајте го, измешајте ги состојките за маринадата и посипете го тофуто со неа. Измешајте го сето тоа заедно и оставете тофуто да се маринира барем половина час. Потоа, пржете го на средна температура додека зарумени еднакво од сите страни.
3. Исечкајте ги шери-доматчињата на четвртинки, измешајте ги со месечинки кромид, посолете ги и ставете им една лажичка маслиново масло.
4. На крај, склопете го гирото. Прво, премачкајте го пита-лепчето со лажиче лут сенф, па ставете од сосот ѕаѕики, додајте тофу, салата од доматчиња и затворете ја питата. Од овие состојки можете да направите четири гиро-пити!