Регулаторната комисија за енергетика му ја одзеде лиценцата на „Детоил“ да продава бензин и течен нафтен гас (ТНГ) на големо преку складиште. Одлуката е објавена во Службен весник на 7 декември, со што веднаш стапува на сила. Станува збор за делумно одземање на лиценцата, бидејќи „Детоил“ ќе може и натаму да продава дизел и домаќинска нафта, но не и еуросупер 95 и ТНГ.„Лиценцата се одзема делумно, поради тоа што носителот на лиценцата не ја врши дејноста за која е издадена лиценцата на начин и под услови пропишани со Законот за енергетика и други закони, како и прописите и правилата донесени врз основа на Законот за енергетика“, запишано е во одлуката.
Според сознанијата, „Детоил“ го прекршил правилото за обезбедување на потребниот капацитет на складишта. РКЕ претходно преку опомена оставил рок од три месеци да ги обезбеди складовите, но кумановската компанија не успеала да докаже дека ги има резервоарските капацитети. Од таму ни потврдија дека одлуката е конечна и дека станува збор за нарушување на правилникот. Регулаторот покрај „Детоил“, ги одземал и лиценците на „Унион Гас“ и „Шимов Транспорт“. Сопственикот на „Детоил“, Тони Каранфиловски, ни изјави дека станува збор за забрана за тргување на големо, само за ситуации директно преку увоз, додека продажбата преку бензинските станици останува и натаму.
– Ова одземање на лиценца настана, затоа што се бараат складови од 500 кубици, наместо како досега од 100 кубици, по дериват посебно. Но ние немаме економска исплатливост за тоа. Оваа забрана нема да ни наштети економски, затоа што ние не продаваме на големо, а увозот за нас го прави „Окта“ од каде добиваме гориво за бензинските станици, ни изјави Каранфиловски.
Кон крајот на летото беше објавено дека течат роковите за дури осум компании од бизнисот со нафта и гас, за кои РКЕ поведе постапка за одземање на лиценца. На 14 јули биле известени дека постојат причини за отпочнување на постапката, но не доставиле докази со кои би го разубедиле Регулаторот. Постапка за одземање на лиценца беше почната и за Дади оил, Пертинакс ДООЕЛ Скопје, Башино гас – Велес, Моби петрол – Охрид, Еуро петрол – Чешиново Облешево. Зедничко за сите одлуки на Регулаторот за почнување на постаките за одземање на лиценца е складиштен простор и законски утврдени количества залиха.
„Детоил“ е најголемата кумановска компанија по приходи во 2022, со остварени 54,7 милиони евра и добивка од 476.000 евра добивка. Сопственик е Тони Каранфиловски, кој важи за најуспешен кумановски бизнисмен. Со своите четири фирми лани успеа да направи вкупен приход што надминува 124 милиони евра. Дури три од неговите фирми се во петте најголеми компании во најголемата македонска општина – единствена што има повеќе од 100.000 жители.Покрај тоа што е менаџер и сопственик на неговата матична фирма „Квалитет пром“, е косопственик со братот Дејан во „Детоил“. Преку овиe две фирми има деловните потфати со ФЗЦ „11 Октомври“ Куманово и „Рапид Билд“.
Во вкупната продажба на нафтени деривати на домашниот пазар, „Детоил“ во 2022 остварил 34.401 тони ланската година, а во пазарното учество зафатил 3,4 отсто. Пред него биле само Макпетрол, РКМ, Супертрејд, Лукоил, Дади оил, Окта, Црна Река и Пуцко Петрол. Од прометот, 16.000 тони ги продал на бензински станици, а останатиот дел го испорачал на големо. Компанијата главно тргувала, а незначително увезувала гориво.