Почетна Убавина и здравје„Учам и работам без да очекувам чуда во иднина“ – Убавина и здравје

„Учам и работам без да очекувам чуда во иднина“ – Убавина и здравје

од nenad
4 минути читај за

Ана Спасовска е импресивна млада дама што допрва ќе бележи огромни успеси на светската музичка сцена

Своето музичко патување го има почнато како виолинистка, но нејзиниот фокус моментално е на диригентството – исклучително моќна и одговорна професија, со чии предизвици таа умешно се справува. Ана Спасовска минатата година диригираше 450 луѓе на настанот на Европската престолнина на културата во Темишвар, Романија, а моментално е стипендистка на Кабриљо, еден од најзначајните фестивали за класична музика во Калифорнија, САД. Иако има само 24 години, Ана покажува исклучителна зрелост во тоа што го работи, а нејзиниот талент веќе почнуваат да го препознаваат некои од најголемите светски музички великани. Во продолжение ве запознаваме одблизу со нашата најмлада диригентка…

Моментално виолината ја имаш заменето со диригентската палка. Како одлучи да станеш диригентка?

Според мене, човек не може да стане диригент доколку не умее да свири барем еден инструмент, а тоа го докажуваат многу примери во светот. Во животот имав среќа што учев од прекрасни професори кои ме насочуваа кон вистинскиот пат, ме поддржуваа, ги бодреа моите желби и ми помагаа да стекнам работни навики, без притоа да се почувствувам принудена да правам нешто. Напротив, ме научија да го сакам тоа што го работам. Мојата желба за диригирање се појави одамна, но како музичар кој свири во оркестар и кој знае дека за диригирањето е потребно многу знаење, работа и искуство, мојот музички пат како диригент го започнав на мои 19 години.

Кога се определи за оваа кариера, можеше ли да си претпоставиш дека на твои години ќе стигнеш таму каде што си денес?

Всушност, работите во нашата професија се случуваат многу брзо. Кога ќе се вратам наназад, јас сонував за сите успеси што ми се случија изминативе шест месеци. Јас сум човек кој сака да учи и работи, без да очекува чуда во иднина. Сметам дека секој може да го добие она за коешто ќе се потруди. Имам цел во животот и напорно работам за да ја остварам. Досега ми се исполни желбата да влезам во Националниот оркестар на Франција, како заменик-диригент и асистент на нивниот шеф-диригент, Кристијан Мачелару. Покрај тоа, имав чест да бидам меѓу првите десет одбрани диригенти на конкурсот организиран од фондацијата „Таки Алсоп“, предводена од најпознатата диригентка на сите времиња Марин Алсоп. Ми се исполни желбата да бидам дел од настанот на Европската престолнина на културата, каде што подготвував 450 луѓе како асистент-диригент. А последната новост е дека сум стипендистка на еден од најпрестижните фестивали за класична во Америка, Кабриљо.

Иако границите секојдневно се поместуваат, сепак се занимаваш со професија во која претежно доминираат мажи. Имаш ли чувство дека треба повеќе да се докажуваш од твоите машки колеги?

Искрено, не сум се почувствувала дискриминирано досега, иако сум била дел од многу натпревари, семинари и концерти надвор од Македонија. Отсекогаш сум ги почитувала луѓето во оркестарот и таа почит секогаш ми била возвратена. Музичарите во оркестарот можат за две минути да проценат кој стои зад диригентскиот пулт и колкаво е неговото знаење.

Која беше Ана Спасовска пред да стане „најмладата диригентка во Македонија“?


Поврзани објави

Моите родители отсекогаш ме воспитувале да бидам човечна кон секого. Тоа е нешто што цел живот го почитувам и ќе продолжам така и во иднина. Се трудам да бидам позитивна личност, искрена сум, љубопитна сум и не си го менувам карактерот, без разлика дали сум зад диригентскиот пулт, дома или со пријателите.

Имаш изјавено дека сакаш да слушаш барокна музика и да диригираш дела од романтизмот, но имаш ли фаворити и од популарната музичка сцена?

Од најмала возраст имав голема желба за изучување на францускиот јазик и таа желба уште повеќе растеше кога ги слушав песните на белгиската пејачка Лара Фабијан. Кога станува збор за инструменталист, воедно и композитор, дефинитивно би го издвоила Винтон Марсалис – еден од најдобрите џез-музичари. Имав можност да го запознам Винтон на затворањето на сезоната на Филхармонијата во Темишвар, Романија, токму пред моите ангажмани таму.

Кој е ултимативниот сон што би сакала да си го оствариш на професионален план?

Сонувам да настапам во најголемите светски сали и со најпрестижните оркестри. Сонувам за Берлин, Виена, Амстердам, Чикаго, Њујорк…
Музиката несомнено претставува важен дел од твоето секојдневје, но имаш ли и други интереси и пасии?
Сакам да поминувам време со моите блиски. Сакам да патувам и да научам што е можно повеќе јазици. Последниве неколку месеци поради моите настапи и часови надвор од државата, намалив со спортски активности и планирам што е можно побрзо да се вратам на тренинг, бидејќи тоа е една од работите кои ме исполнуваат.

Што те прави најсреќна моментално, а што би те направило уште посреќна во иднина?

Среќна сум кога ќе видам насмеана и задоволна публика за време на концерт. Среќна сум кога поминувам време со пријателките, среќна сум кога читам и учам нови работи, кога се подготвувам за настапи… Најсреќна сум поради тоа што имам луѓе околу мене кои ме сакаат и ги поддржуваат моите одлуки, а во иднина, уште посреќна ќе бидам ако тие луѓе сè уште се тука за мене.

Разговарала: Марија Лукаревска

ФОТО: ВИКТОРИЈА ВУЧЕВСКА, КултурОп