Претседателката на Европската комисија, Урсула фон дер Лајен, и претседателот на Европскиот совет, Антонио Кошта, во четврток ќе отпатуваат во Кина. Ова денеска беше објавено од страна на Министерството за надворешни работи на Кина.
За време на нивниот престој, тие ќе се сретнат со кинескиот претседател, Си Џинпинг.
Исто така, тие ќе бидат дел и од 25-тиот самит ЕУ–Кина, на кој домаќин ќе биде кинескиот премиер, Ли Кеќанг.
Се очекува главни теми на дискусија да бидат трговските несогласувања, технологиите за енергетика и партнерството меѓу Кина и Русија, кое во Европа се гледа со скептицизам поради војната во Украина.
Врските меѓу Брисел и Пекинг се влошија во последните три години, особено поради конкуренцијата во индустрии како што се електричните автомобили, железничкиот сектор и соларната енергија.
ЕУ стравува дека големото кинеско производство, поддржано од државни дотации, може да го преплави европскиот пазар со евтина стока.
Европските лидери, исто така, ќе се обидат да издејствуваат намалување на рестрикциите за извоз на ретки земни елементи, кои се неопходни за производство на мобилни телефони и електрични возила.