Поради лошите временски услови проследени со интензивни снежни врнежи, околу 50.000 корисници во српските градови Ниш и Краљево во моментов се без електрична енергија. Невремето предизвика бројни оштетувања во дистрибутивната мрежа за електрична енергија.
„Ситуацијата на терен се менува од час во час.”
Според соопштението на Електродистрибуција на Србија (ЕДС), „Посебен проблем претставуваат непроодните регионални и локални патишта, како и големиот снег што продолжува да паѓа, што го отежнува пристапот до локациите на дефектите.” Најголем дел од проблемите се забележани во ридско-планинските предели на Рашкиот, Златиборскиот, Моравичкиот, Пчињскиот и Јабланичкиот округ.
„Екипите на ЕДС се на терен и работат на поправка на дефектите. Повеќето од посериозните дефекти се отстранети, но поради лошото време, континуирано се јавуваат нови,” се вели во соопштението.
Снежните врнежи предизвикаа отежнат сообраќај во одредени делови на Србија, прекин во снабдувањето со електрична енергија во некои општини и проблеми со мобилните сигнали.
Надлежните општински служби за агенцијата Бета изјавија дека снегот во општините Лучани и Ивањица предизвика дефекти во електричната мрежа, поради што илјадници корисници во околните села се без електрична енергија.
Во Ивањица е прогласена вонредна состојба. Снег продолжува да паѓа и денес во јужниот дел на Србија. На Копаоник во моментов има повеќе од 60 сантиметри снег, додека во Ивањица – над 20 сантиметри.
Според информациите од Републичкиот хидрометеоролошки завод на Србија, неповолните временски услови со обилни снежни врнежи сè уште се прогнозираат за централна и источна Србија.
Најтешка е состојбата на патните правци кон Копаоник и низ Ибарската клисура.
Републичкиот хидрометеоролошки завод најавува продолжување на снежните врнежи, особено во јужните, југозападните и источните делови на Србија, каде што се очекуваат дополнителни 10 до 30 сантиметри снег.
Во Шумадија, Поморавље, како и делови од југот и југозападот на земјата, активен е црвен метео аларм.