Илјадници граѓани вечерва се собраа пред Министерството за внатрешни работи на Црна Гора на протест поради одговорот на властите на трагедијата на Цетиње од 1 јануари, кога жител на градот направи масакр, убивајќи 13 луѓе, негови пријатели и роднини. Граѓаните собрани околу студентското движење „Каде утре“ уште еднаш побараа оставки од највисоките функционери во безбедносниот сектор.
Протестниот марш започна од зградата на МВР, а заврши до зградата на Владата. Толпата извикуваше „Убијци, убијци!“ и „Оставка!“. Насобраните граѓани истакнаа бројни транспаренти на кои пишуваше „Студентите против насилството“, „Оставката е минимална одговорност“, „Црна Гора и страдањата на Црна Гора“… На еден од транспарентите беше истакнато и времето – „17:26“ кога беа убиени првите четири жртви и „23:32“ кога се самоуби масовниот убиец Ацо Мартиновиќ.
Цетиње на денот на трагедијата го обезбедувале само девет полицајци „Масакрот во Цетиње е последица на урнат систем и неодговорни постапки на властите“, изјави една учесничка на собирот. Таа додаде дека државата не направила ништо за да ги заштити граѓаните: „Никој не презеде одговорност и затоа прашуваме: Кој е одговорен? Каде се одговорните? Зошто молчат со денови?“.