Table of Contents
Разговаравме со нашиот „поткастер“ Tomas Performance со цел да си го објасниме овој медиумски феномен што им го украде вниманието на милиони ширум планетава…
Го знаеме како Tomas Performance, а всушност, станува збор за Томе Попчевалиев, пресреќен татко и сопруг со речиси 20-годишна кариера во ИТ-индустријата и 30-годишна пасија за спорт. Томе е поранешен кошаркар, атлетичар, репрезентативец и државен шампион во повеќе дисциплини, а во последно време, велосипедист и авантурист, кој сè уште ужива да повежба снага и експлозивност. Во неговиот поткаст имаат гостувано бројни интересни и истакнати личности од различни области со една заедничка цел: да ги истражат границите на телото, умот и душата и да ги поместат истите тие.
Како ги избираш гостите во Tomas Performance?
Имам документ на Интернет кој ми е достапен во секое време и во којшто постојано запишувам личности на кои сум се сетил од некоја причина. Потоа, секоја недела одбирам неколкумина од листата и наоѓам начин да стапам во контакт со нив. Секогаш се изненадувам од тоа колку многу луѓе ми одговараат позитивно и се отворени за соработка. Листата е долга стотици и стотици редови – имам материјал за епизоди до крајот на животот.
Како Tomas Performance ти го смени животот?
Преку поткастот запознав многу интересни и успешни личности, не само од спортот туку од секоја сфера на животот, и тоа ме поттикна длабоко да верувам во многу попозитивна иднина за нашето поднебје. Тврдам дека преку спортот може да се постигнат општествени промени и токму тоа се трудиме да го покажеме и преку другиот поткаст што го водиме заедно со Жарко Батиќ, „Бајкерот и Кросфитерот“. Од личен аспект, мојот поткаст претставува заедничка точка каде што се среќаваат речиси сите мои пасии, искуства и знаења. Се чувствувам како целиот живот да сум се подготвувал за да го правам ова.
Што им недостасува на македонските поткасти?
Ништо. Убавината на оваа платформа е што нема правила. Кој каков сака нека си прави. Треба да ги има што повеќе и што поразлични. Моја лична преференција е поткастот да не личи на телевизиска емисија.
Која е пораката сакаш да им ја пренесеш на твоите гледачи?
Кога мислиш дека не можеш, не си ни до пола. Безброј пати сум си докажал и себеси и на другите дека ние луѓето сме способни за незамисливи подвизи во секој поглед. Читајте книги, тренирајте редовно, правете тешки работи, истражувајте ги и пробивајте ги своите границите. Тоа се подвизите што ќе ги паметите цел живот. Нашиот живот, тело, ум и дух се света работа. Не однесувајте се неодговорно кон нив. Секој има лична и општествена одговорност секогаш да го дава својот максимум. Нема време за жалење. Секој момент од животот бидете благодарни за тоа што го имате и знајте дека можете подобро. Да, тоа е идеал што никој никогаш не го постигнува, но во тоа е убавината. Нам ни преостанува да ги поместуваме границите, да учиме и проучуваме, да се спознаваме себеси и другите.
Поврзани објави
Зошто поткастите се потребни во медиумскиот простор?
За да не се претворат луѓето во растенија што едвај држат фокус повеќе од 15 секунди, како и за да се слушаат мислите и разговорите на луѓето без притисок, без цензура, без агенда, во реално време, природно и неформално.
Кои се твоите омилени поткасти?
Joe Rogan, Lex Fridman, Peter Attia, Andrew Huberman, Chris Williamson, Alex Connor, Founders, Theo Von, Tom Segura, Danny Jones … и многу други.
Кој би сакал да гостува во твојот поткаст?
Влатко Стефановски е првиот што ми паѓа на ум. А ако зборувам за историски личности, тоа би биле морепловецот Ернест Шеклтон и американскиот тркач Стив Прифонтејн. Исто така, би сакал да разговарам со некој истакнат духовен отец.
За што не зборуваме доволно, а би требало?
За длабоката духовна празнина што повеќето луѓе ја чувствуваат. Ние имаме тело, ум и дух и сметам дека луѓето во денешно време најмногу го занемаруваат духовното.
Совет за оние што сакаат да започнат свој поткаст?
Вклучи ја камерата на телефонот и почни да зборуваш за тоа што ТЕБЕ ти е најинтересно. Ако можеш да најдеш соговорник што го дели твојот интерес, уште подобро. И толку, не мисли на тоа што ќе кажат другите и не гони перфекција. Ако собереш храброст и му го покажеш тоа јавно на светот, ќе дознаеш многу работи за себе.
Разговарала: Марија Лукаревска
ФОТО: ИНСТАГРАМ, ПРИВАТНА АРХИВА