Бројот на конфискации од страна на мобилните царински екипи во рамки на Одделот за оперативни дејствија при Секторот за контрола и истраги, забележа троен пораст во текот на првите седум месеци од тековната година.
Од 1 јануари до 31 јули 2025 година, извршени се повеќе од пет илјади надзори, при што се откриени 199 прекршочни и кривични дела.
Според информациите од Царинската управа, мобилните царински тимови во овој период конфискувале приближно 100 илјади евра во девизи, 455 кутии цигари, а идентификувани се и 27 случаи на повреда на правата од интелектуална сопственост, со запленети над 26 илјади артикли со логоа на заштитени брендови.
Во нивната борба против сериозниот криминал, како што посочуваат од управата, меѓу најзначајните случаи е конфискацијата на 188,6 килограми марихуана, реализирана во заедничка акција со царинските службеници на граничниот премин Богородица.
При влез во земјата, мобилните царински тимови спречиле обиди за недозволен пренос на 21 илегален мигрант.
Само во текот на последните неколку дена, при контроли на стока декларирана за увозно царинење во царинската испостава Скопје 4, биле запленети над 600 парчиња облека кои не биле пријавени во царинските документи.
Исто така, при контроли на граничниот премин Богородица, биле конфискувани 27 кутии цигари без акцизни маркички, сокриени во резервната гума на возило.
Претходно, мобилен царински тим спречил обид за криумчарење на 14 семки од канабис и 0,5 грама масло од канабис, како и обид за криумчарење на златен накит во вредност од 1,3 милиони денари.
Царинската управа потенцира дека мобилните тимови остануваат еден од клучните механизми за заштита на финансиските интереси и безбедноста на државата.
Фото: Царинска управа.
Извор: МИА.