Во Собраниската Комисија за финансирање и буџет, денес, по трет пат, ќе продолжи дебатата околу ревидираниот Буџет.
Вчера, за време на вториот ден од дискусијата, парламентарците од власта и опозицијата продолжија со взаемни обвинувања. За пратениците од владејачката коалиција, предложениот ребаланс ја одразува стабилната и одговорна економска политика на Владата, со повеќе средства за плати, пензии и капитални инвестиции. Од друга страна, за опозицијата, тој претставува обид да се замаскираат слабостите во јавните финансии и да се отвори пат за понатамошно задолжување и загрозување на економската стабилност.
Заменик-министерот за финансии, Николче Јанкуловски, на првиот ден од дискусијата, објасни дека предложените измени и дополнувања на Буџетот се потврда на фискалната политика за неопходноста од консолидација и подобро управување со јавните финансии. Тие се темелат, како што нагласи тој, на непроменети макроекономски претпоставки и прилагодување на фискалните проекции кои на расходната страна обезбедуваат целосно финансирање и реализација на стратешките приоритети и програмски определби без да се промени нивото на буџетскиот дефицит.
„Целта е непречено извршување на Буџетот и одржување на идентично ниво на буџетскиот дефицит планиран со иницијалниот Буџет”, изјави Јанкуловски.
Тој додаде дека со ревидираните фискални проекции се врши усогласување на расходите со досегашната реализација и очекувањата, односно се обезбедуваат средства за исплата на плати, пензии, програмски и проектни активности со истовремено искористување на средствата од претходните години на посебните сметки.
Вкупните приходи во ребалансот се проектирани на ниво од 362,4 милијарди денари, а расходите на износ од 403,7 милијарди денари, што е за еден процент (околу 3,5 милијарди денари) повеќе во однос на првичните проекции за годинава. Проекцијата за БДП останува 3,7 проценти, додека инфлацијата е проектирана на ниво од 2,8 проценти. Буџетскиот дефицит останува непроменет и во апсолутен износ и како процент од БДП, односно 41,3 милијарди денари или 4 проценти од БДП. Капиталните расходи се планирани на износ од 47,5 милијарди денари.
Според проекциите на Владата, државниот долг на крајот на 2025 година ќе изнесува 53,3 проценти од БДП, додека јавниот долг се очекува да биде на ниво од 62,1 процент. Стапката на невработеност се очекува да се намали на ниво до 11,1 процент во 2025 година, а стапката на вработеност да достигне 47 проценти.
Со ребалансот се врши реалокација на средства помеѓу буџетските корисници, се обезбедуваат дополнителни средства за исплата на плати, пред сѐ во Министерството за внатрешни работи, каде е обезбеден раст на платите на вработените од 10 проценти, а се обезбедени дополнителни средства и за исплата на зголемени пензии и дополнителни околу 300 милиони денари за капитални расходи.
Комисиската дебата по предлог-ребалансот на Буџетот започна на 2 јули. За ребалансот се поднесени над 200 амандмани.