Постапувајќи по поднесената кривична пријава, јавниот обвинител од Основно јавно обвинителство за гонење на организиран криминал и корупција донесе Наредба за спроведување на истражна постапка против сите 12 лица. Имено, прво и второ осомничениот, во периодот од декември 2021 до декември 2022 година, создале група која вршела кривични дела – Изнесување во странство на добра под привремена заштита или културно наследство или природни реткости од чл.266 ст.2 вв со ст.1 од КЗ, – Оштетување или уништување на добра под привремена заштита или културно наследство или природни реткости од чл.264 ст.2 од КЗ и Прикривање од чл.261 ст.3 вв со ст.1 од КЗ. Како припадници на групата станале останатите обвинети. Двајцата првоосомничени раководеле со групата и вршеле недозволени истражувања на археолошки локалитети заeдно со останатите припадници на групата. За ориентација обвинетите користеле карти и рачно пишани текстови и преданија, вршеле меѓусебна размена на сознанија за позиционираноста на археолошки локалитети низ целата територија на Р.С. Македонија. По пронаоѓање на локалитетите, осомничените со користење на метал детектори недозволено ги истражувале и со користење на различни алатки вршеле недозволени ископувања“, се наведува во соопштението на Обвинителството.
Пронајдените археолошки предмети, иако знаеле дека потекнуваат од извршено кривично дело, ги присвојувале и ги прикиривале во нивите домови или на непознати локации. „Откако ќе нашле заинтересирани купувачи од земјата и странство предметите ги продавале, односно посредувале при продажба со непознати припадници на групата по потекло од соседните земји и САД. Овие непознати лица биле купувачи или посредници во име на заинтересирани купувачи на добра со археолошко односно историско значење и добрата ги нуделе и ги продавале за договорен износ што прво и второ осомничениот го определувале. По постигнување на договор околу цената, прво и второ осомничениот дозволувале доброто неовластено да се продаде и без дозвола од надлежен орган да се изнесе надвор од границите на Р.С. Македонија“,велат од ОЈО. Отуѓените добра се предмети со археолошки, етнолошки, уметнички и историски вредности со непроценлива вредност, односно значајно добро и добро од особено значење сопственост на Р.С. Македонија, со исклучителна вредност. Со преземените дејствија при што добра со исклучителна вредност трајно ги отуѓиле на штета на Р.С. Македонија, осомничените и непознатите припадници на групата сториле трајна штета за археолошкото, историско, музејско и уметничко истражување на надлежните државни и научни институции.Предметниот обвинител ценејќи дека за седуммина од осомничените се исполнети условите за определување на мерката притвор му предложи на Судијата на претходна постапка при Основниот кривичен суд Скопје да им определи мерка притвор.