Американскиот претседател Доналд Трамп им посака успех на Канаѓаните на денешните избори, истовремено повикувајќи ја државата да стане 51-ва членка на Соединетите Американски Држави.
“Среќно на големиот народ на Канада. Изберете човек кој има сила и мудрост да ги преполови вашите даноци, бесплатно да ја зголеми вашата воена моќ на највисоко ниво во светот, да го зголеми вашиот бизнис четирикратно во автомобили, челик, алуминиум, градежништво, енергетика и сите други индустрии, без царини или даноци, сèтоа тоа ако Канада стане драгоцена 51. држава на САД”, напиша Трамп на неговата социјална мрежа “Truth Social”.
Според него, “веќе ја нема вештачки повлечената граница од пред многу години”. “Погледнете колку би биле прекрасни овие копнени пространства. Слободен пристап без граници. Се позитивно без негативни страни. Така ни е судено. Америка повеќе не може да ја субвенционира Канада со стотиците милијарди долари годишно што ги трошевме во минатото. Тоа веќе нема смисла освен ако Канада не стане 51. американска држава”, се наведува во објавата на Трамп.
Во Канада денес се одржуваат вонредни парламентарни избори, а резултатите од истражувањата на јавното мислење покажуваат дека Либералната партија на премиерот Марк Карни има мала предност пред конзервативците, предводени од Пјер Поилиевр.
Анкетите укажуваат дека Либералната партија се здобила со мала предност во однос на конзервативците откако Трамп воведе тарифи за Канада и континуирано го нарекуваше некогашниот близок сојузник “51-ва држава на САД”, што ги разгневи Канаѓаните и предизвика намалување на водството од околу 20 процентни поени, кое претходно го имаше Поилиевр.