Американскиот претседател Доналд Трамп синоќа изјави дека неговата влада ќе им исплати паушален износ од 90 долари на повеќе од 20 милиони Американци регистрирани во системот Медикер за да помогне во покривањето на трошоците за месечни премии за здравствено осигурување.
Трамп доцна синоќа на социјалните мрежи објави дека средствата за овие исплати ќе бидат обезбедени од Фондот за подобрување на Медикер, за кој Конгресот издвои две милијарди долари.
Оваа објава е најновата во низата финансиски ветувања што републиканскиот лидер им ги даде на гласачите пред среднорочните избори за Конгресот во ноември.
Републиканската партија на Трамп моментално има тесно мнозинство и во Сенатот и во Претставничкиот дом, но нејзината популарност е на ниско ниво поради справувањето со високите трошоци за живот за Американците за време на војната меѓу САД и Израел против Иран, што доведе до зголемување на цените на нафтата и гасот.
Белата куќа објави детали за планот на Трамп на својата веб-страница, наведувајќи дека повеќето постари лица кои ги исполнуваат условите ќе добијат исплата од 90 долари преку директен депозит на почетокот на октомври.
Оние кои немаат договорено директно плаќање ќе добијат чек, исто така на почетокот на октомври, на поштенската адреса што ја регистрирале во системот на Медикер, објави Белата куќа.
Минатиот месец, Трамп предложи испраќање чекови од 5.000 долари до сите возрасни лица доколку републиканците ја задржат контролата врз Претставничкиот дом и Сенатот на изборите во ноември, иако аналитичарите, економистите, па дури и некои републиканци во Конгресот реагираа со скептицизам на планот.
Администрацијата на Трамп, исто така, испраќа одделни исплати од 500 долари до речиси милион Американци, потег за кој стратезите веруваат дека би можел да влијае на исходот од некои изборни трки. Белата куќа вели дека исплатите се поврат на средства за она што, според неа, биле прекумерни такси наплатени на луѓе кои купиле здравствено осигурување преку Законот за прифатлива здравствена заштита.сд/
Фото:Трут социјал/ МИА