Почетна ЕкономијаТрамп најави зголемување на царините за челик на 50 отсто (од досегашните 25)

Трамп најави зголемување на царините за челик на 50 отсто (од досегашните 25)

од nenad
1 минути читај за

Американскиот претседател Доналд Трамп синоќа објави дека ќе ги зголеми давачките за увоз на челик од 25 на 50 проценти, пренесе ДПА.

Обраќајќи се на собир во фабриката за челик „US Steel“ во западна Пенсилванија, близу Питсбург, Трамп рече дека дополнителните увозни давачки ќе ја зајакнат американската челична индустрија, додавајќи дека царините се неговиот „апсолутно омилен збор“.

Актуелната американска влада ги оправда постојните царини за челик како мерка за заштита на државната безбедност, а Трамп претходно веќе најави, се закани или воведе бројни други давачки, потсетува ДПА.

Освен новата казнената давачка од 10 проценти од вредноста на стоките за речиси целиот увоз, тој исто така најави и конкретни, повисоки давачки за увоз од многу држави, а меѓу нив се и големите трговски партнери како Кина и Европската Унија.

Во моментот во САД се водат повеќе судски постапки поврзани со законитоста на многу од давачките на Трамп, а сè уште не се донесени конечните одлуки.

Овие дополнителни давачки за увозот на челик не се засегнати од овие случаи, јавува германската агенција.

Многу трговски партнери кои Трамп ги погоди со новите давачки, вклучувајќи ја и Европската Унија, веќе преговараат со неговата администрација за нови трговски спогодби за да ги избегнат давачките.

По разговорот со претседателката на Европската комисија, Урсула фон дер Лајен, во понеделникот, Трамп ги суспендираше дополнителните закани за давачки од 50 проценти за увоз од ЕУ до 9 јули за да овозможи повеќе време за преговори.

сд/фото:МИА архива .
Извор: МИА