Претседателот на САД, Доналд Трамп, и израелскиот премиер Бенјамин Нетанјаху, за време на нивната средба во Белата куќа на 11 февруари, постигнаа договор за напори за ограничување на продажбата на иранска нафта кон Кина, според информации објавени од порталот „Аксиос“, кој се повикува на извори кои сакаат да останат анонимни.
„Се согласивме да извршиме максимален притисок врз Иран со полна сила, на пример, врз продажбата на иранска нафта во Кина“, цитираше „Аксиос“ висок американски функционер вчера.
Кинеското Министерство за надворешни работи, во одговор на пишувањата на „Аксиос“, истакна дека „нормалната соработка меѓу земјите што се спроведува во рамките на меѓународното право е разумна и легитимна и треба да се почитува и заштитува“.
Кина учествува со над 80 проценти во вкупниот извоз на нафта од Иран. Секое намалување на оваа трговска размена би довело до пониски приходи од продажбата на нафта за Техеран.
Дипломати од САД и Иран, претходно минатата недела, со посредување на Оман, одржаа разговори за иранската нуклеарна програма. Целта на овие разговори беше да се реанимира дипломатијата, откако американскиот претседател нареди распоредување на поморска флотила во регионот, додека американската војска се подготвува за евентуална операција против Иран, која би можела да трае неколку недели.