Почетна ЕкономијаТрамп за Фокс Њуз по средбата со Путин: Блиску сме до договор за Украина

Трамп за Фокс Њуз по средбата со Путин: Блиску сме до договор за Украина

од nenad
1 минути читај за

Американскиот претседател Доналд Трамп синоќа соопшти дека спогодба за окончавање на војната во Украина би можела да се постигне по неговата средба со рускиот претседател Владимир Путин во Алјаска, пренесе ДПА.

„Мислам дека сме доста блиску до договор. Сега погледнете, Украина мора да се согласи со тоа“, изјави Трамп во разговор за Фокс њуз по средбата. „Украина мора да се согласи. Мислам, знаете, претседателот Зеленски мора да се согласи“, додаде тој.

Германската агенција извести дека во моментот на интервјуто не било јасно дали Трамп веќе го информирал Зеленски за резултатите од разговорите. На прашањето каков совет би му дал на Зеленски по самитот во Алјаска, тој одговори: „Направете договор“. Американскиот претседател ја опиша Русија како „многу голема сила“, а Украина не.

Во однос на тоа колку би можел да биде блиску до договор, Трамп рече: „Секогаш велам, ако сум навистина блиску, велам 50:50, бидејќи толку многу работи можат да се случат. Но, мислам дека претседателот Путин би сакал да го реши проблемот“.

Американскиот претседател повтори неколку процени што ги изнесе при краткото заедничко обраќање со Путин по речиси тричасовниот самит. На тоа обраќање, Трамп рече дека двајцата лидери се усогласиле за голем број прашања, но сè уште не постигнале заедничка цел.

На новинарите не им беше дозволено да поставуваат прашања на прес-конференцијата, а не беа објавени никакви информации за разговорите или каков било писмен документ, јави ДПА.

сд/фото:ЕПА .