Американскиот претседател Доналд Трамп денес ги посочи неговиот претходник Џо Бајден и украинскиот претседател Володимир Зеленски како виновници за неуспехот да се избегне конфликтот во Украина.
“Претседателот Зеленски и Џо Бајден направија апсолутно ужасна работа што дозволија да почне оваа травестија”, напиша Трамп на неговата платформа “Truth Social”.
“Имаше толку многу начини да се спречи тоа да почне”, продолжи тој, без да изнесе поединости за тоа како можела да се спречи инвазијата што ја нареди рускиот претседател Владимир Путин во февруари 2022 година.
Трамп изјави дека војната меѓу Русија и Украина е конфликт на Бајден, а не негов. Тој додаде дека неодамна ја презел функцијата и немал никаков проблем да го спречи започнувањето на војната за време на неговиот претходен мандат, бидејќи Путин го почитува.
Американскиот претседател се залага за договор за ставање крај на војната и одржува тесни врски со Кремљ преку неговиот специјален пратеник Стив Виткоф, пренесе ДПА. Договорот предвиден од администрацијата на Трамп во голема мера се совпаѓа со стремежите на Москва: Украина да се откаже од своите амбиции за членство во НАТО, а американски војници да не бидат дел од потенцијалните мировни сили.