Владата додели воведни 30 милиони денари од буџетските резерви на државата, како почетна асистенција и поддршка за оние кои беа повредени во пожарот во Кочани. Овие средства беа предвидени за пренесување на 201 пациент до болниците во странство и нивно враќање во земјата, како и за престојот на нивните роднини кои ги придружуваа. Ова го потенцираше директорот на Службата за општи и заеднички работи, Ивица Томовски, на панел дискусијата „Кочани е нашиот приоритет“ која се одржа денес во Владата.
“За седумте пациенти кои сѐ уште се на лекување во странство, се покриваат трошоците за сместување и се надеваме наскоро тие ќе се вратат”, изјави Томовски.
До овој момент, потрошени се приближно 21 милион денари, но “тоа не значи дека тука завршуваме”.
“Државата стои на располагање сѐ до оној момент додека не добиеме јасна слика, да ги вратиме пациентите во Македонија и да ги излекуваме до крај”, нагласи Томовски.
Тој исто така се осврна на соработката со Црвениот крст, и посочи дека Владата се приклучила кон донаторската сметка на Црвениот крст. “Се придруживме на донаторската сметка на Црвениот крст и им пруживме помош на пациентите кои се лекуваа и во странство и во домашните болници”, подвлече директорот на СОЗР, Томовски.
Тој изрази благодарност до министерствата за надворешни работи и за одбрана кои во периодот по трагедијата во Кочани беа логистичка поддршка за транспорт и сместување на повредените во болниците во странство.