„Незамисливо е можната напнатост на северот на Косово да помине без последици за стабилноста на * Македонија. Ако ескалира безбедносната ситуација во Косово, тоа ќе се одрази во вид на ‘домино-ефект’и врз стабилноста на Македонија. Ако им се дозволи на Србите да формираат Заедница на српски општини во Косово, тогаш и Албанците ќе го постават прашањето: зошто да не можат и тие да бараат асоцијација, или и друга форма и начин на организирање на државата?“ – вели д-р Сефер Тахири, професор во Факултетот за јазици, култури и комуникации на Штуловиот универзитет во Тетово, во својата колумна со наслов „Украина не е далеку’, Косово е многу блиску“, која ја објави телевизијата на албански јазик „Шења“ на својот интернет-портал.
Покрај другото, Тахири пишува: „Украина не е далеку.’ – ова беше познатата изјава на лидерот на Демократската унија за интеграција Али Ахмети, дадена во 2014 година. Гледајќи ги случувањата во геостратегиски контекст, Украина не е далеку навистина: во географска и особено во геополитичка смисла таа стана многу блиска. Балканот е кревок регион. Овие денови се зборува за можна ескалација на безбедносната ситуација меѓу Косово и Србија. Новата историја на Косово докажа дека тамошните случувања неминовно влијаат врз * Македонија. Албанците од * Македонија долго време го жртвуваа својот правно-уставен статус, заради статусот на Косово, бидејќи нивните легитимни барања често беа ‘ограничени’, поради напорите на Косово за независност.“
„Албанците од * Македонија имаат многу семејни, емотивни, комерцијално-економски и политички врски со Албанците од Косово. Овде треба да се додаде и важниот факт, што Косово и * Македонија некогаш биле дел од една федерална држава. Албанците од Косово беа рамо до рамо со Албанците од * Македонија во нивната борба за слобода и независност, а некои од нив херојски загинаа како маченици. Албанците од * Македонија ги отворија вратите за Албанците од Косово, кои беа насилно протерани од власта на Милошевиќ. Братската соработка отсекогаш била заемна. Албанците од * Македонија се благодарни, поради тоа што нивната интелектуална елита во голема мера беше изградена благодарение на Универзитетот во Приштина.“
„Напнатоста во Косово со последици и за * Македонија“
„Затоа, незамисливо е можната напнатост на северот на Косово да помине без последици за стабилноста на * Македонија. ‘Домино-ефект’ од можните напнатости не само во Косово, туку и во Босна и Херцеговина, или која било друга земја, неодбежно ќе се случи и во * Македонија, која од 2017 година немала отворен, или видлив судир, иако понекогаш, поради разните инциденти, ги преминува границите на латентната кревкост!“
„Србите учествуваат со приближно пет отсто во структурата на населението во Косово. Ако ним им се дозволи да формираат Заедница на општини во Косово, која би имала можни извршни овластувања, тогаш тоа природно ќе има последици и во *Македонија. Албанците, со официјално демографско учество од 30 проценти, природно ќе го постават прашањето: зошто да не можат и тие да бараат асоцијација, или и друга форма и начин на организирање на државата?“