Како еден сегмент од целото работење на ПМГ Џез, со веќе 46 изданија на македонска музика, ,,Крај Вардарот Џез Фестивал” како своевидна платформа, секоја година во континуитет на домашната публика и ги претставува најквалитетните и рецентни авторски остварувања од високо ценети и реномирани автори, но и млади, веќе наградувани и признаени таленти, информираат од организацијата на настанот, кој ќе се состои од три вечери, и тоа првата на 20-ти април, втората на 23-ти април и третатат на 27-ми април.
Како што појаснуваат, годинашното фестивалско издание нуди исклучителна програма селектирна од Попов и Дробицки која ги надминува границите на музичките жанрови, спојувајќи џез, електроника и современа музика.
-Програмата опфаќа интердисциплинарен пристап на македонска авторска музиката споена во изведбен акт со македонската поезија и проза (Поетроника на Салпе и Митковски и Мирисот на липите на Дуња и Тина Иванови), настап на два исклучителни музички ансамбли (Биг Бендот со интерпретација на селектирани дела од доајенот на современата џез композиција Кире Костов и Маседониан Фри Сосајети, октет од извонредни современи џез музичари кои ја исцртуваат новата историја на македонската џез и современа музика) и младиот авангарден состав Кобалт Код Јунит, чија музика ја спојува традицијата, современиот џез, африканскиот бит и бучавата на индустрискиот метеж.
На тој начин веќе петта година по ред го развиваме профилот на фестивалот како уникатен и квалитетен културен настан, ценет и очекуван од публиката, која има потреба од овој нов пристап кон градење на современ македонски музички и културен идентитет- откриваат од организацијата на фестивалот.Исто така, известуваат дека настанот ќе се одржи во чест на Мирко Попов, авторот и продуцент на македонска електронска музика, кој почина на 24-ти март, на 51-годишна возраст.
-Со длабок поклон, „Крај Вардарот Џез Фестивал 2024“ го реализираме во чест на Мирко Попов. Визионер, иницијатор, куратор и организатор на овој фестивал и целокупната музичка дејност поврзана со работата на ПМГ Џез како сублејбл за џез и светска музика на матичната дискографска куќа ПМГ Рекордингс, активна од 1998 година. Со голема жар и посветеност заедно со Дробицки работеа на програмата на годинашното фестивалско издание, чија реализација не успеа да ја дочека. Тимот на ,,Крај Вардарот Џез Фестивал 2024” во негова чест и во чест на музичката сцена која Попов неуморно ја развиваше, со истиот ентузијазам и посветеност го реализира ова фестивалско издание.
Симболично како во легендата за настанувањето на градот Скопје „Големата камена глава“ и соколот кој ги чувал луѓето во градот се додека нивната душа не стане посилна од силата на Љубомор за да го победат со сложност, Мирко Попов е соколот на Скопје, како и во песната „Море сокол пие, Вода на Вардарo” кој беше и инспирација за името на фестивалот, соопштија од фестивалот.Програмата на ,,Крај Вардарот Џез 2024” се состои од три вечери, кои ќе се реализираат во Македонската филхармонија и во едукативниот културен центар Лабораториум.