Почетна ЕкономијаТалибанците одбележуваат 4 години од повторното преземање на власта во Авганистан

Талибанците одбележуваат 4 години од повторното преземање на власта во Авганистан

од nenad
2 минути читај за

Талибанците денес одбележуваат четири години од повторното преземање на власта во Авганистан, охрабрени од руското признавање на нивната администрација и со надеж дека и други држави ќе го следат тој пример.

Предвидени се дефилеа во повеќе градови, вклучувајќи го и центарот на Кабул, каде што ќе се расфрла цвеќе од хеликоптери и ќе се веат црно-белите знамиња на Исламскиот Емират Авганистан по повод Денот на победата, кој го означува повторното заземање на главниот град на 15 август 2021 година.

Уште од вчера вечерта, припадници на Талибанците се собраа на крстосницата која води кон американската амбасада, палејќи огномети и мавтајќи со големи знамиња.

За разлика од претходните години, воената парада која се одржуваше во базата Баграм, поранешниот центар на западните сили во борбата против бунтот на Талибанците за време на војната (2001-2021), денес нема да се организира. “Прославите се откажани”, изјави официјален претставник на Талибанците, барајќи анонимност.

Владата на Талибанците останува изолирана од глобалната заедница, која ги осудува мерките против слободите, преземени во име на ултраригорозно толкување на исламскиот закон, особено оние насочени кон жените. Меѓународниот кривичен суд издаде налози за апсење на двајца лидери на Талибанците во почетокот на јули, поради прогон на авганистански жени, на кои им е забранет пристап до универзитети, спортски сали, салони за убавина, паркови и многу работни места.

Сепак, владата на Талибанците, која се труди да добие меѓународна валидација, неодамна оствари успех со признавањето од страна на Русија. Кабул, исто така, одржува тесни релации, дури и без формално признавање, со држави од Централна Азија, Кина и Обединетите Арапски Емирати, меѓу другите. Владата на Талибанците соопшти дека во Кабул се одржале разговори со претставници од Норвешка, Велика Британија и САД.

Специјалните известувачи на Обединетите нации денес ја повикаа меѓународната заедница да не ги нормализира односите со Талибанците и да го отфрли нивниот „насилен и авторитарен режим“. Тие изјавија дека Талибанците ја практикуваат власта „без легитимитет“ и покажуваат „флагрантно непочитување на човековите права, еднаквоста и недискриминацијата“.

фото: ЕПА