Почетна МакедонијаСтотици побегнаа од северна Газа по наредби за евакуација од Израел

Стотици побегнаа од северна Газа по наредби за евакуација од Израел

од nenad
1 минути читај за

Израелските одбранбени сили (ИДФ) повторно издадоа нови наредби за евакуација во северниот дел од Газа, предизвикувајќи нови бранови на масовно раселување, пренесува Гардијан. ИДФ велат дека детектирале ракети кои биле лансирани од регионот Шуџаија, чии граѓани беа наредени да се евакуираат. Хамас вели дека напаѓале израелски воени бази. Семејствата кои живеат во Шуџаија почнаа да ги напуштаат своите домови во текот на ноќта во саботата и во раните утрински часови во неделата. Фотографии на социјалните мрежи покажаа дека стотици ја напуштаат Шуџаија на колички со магариња и рикши, додека други, меѓу кои и деца, пешачат со ранци на грб.

Во последните недели, ИДФ редовно најавуваат наредби за евакуации на социјалните мрежи, апелирајќи граѓаните на густонаселените подрачја во северот на Газа да се евакуираат за нивна безбедност. Истовремено, Газа продолжува да биде бомбардирана од израелските сили. Болница „Камал Адван“ во северна Газа беше мета на израелските воздушни напади – директорот на болницата беше меѓу повредените.

„Ова нема да не спречи во вршењето на нашата хуманитарна мисија и ќе продолжиме да ја работиме оваа работа по секоја цена. Ние сме секојдневно мета на напади. Предмалку бев јас мета на напад, но тоа нема да не одврати од нашата работа“, рече директорот на „Камал Адван“ Абу Сафија во видео-изјава снимена од болнички кревет. Израелските сили велат дека Хамас користат цивилни згради, вклучувајќи станбени блокови, болници и училишта за воени цели. Хамас го негира ова, обвинувајќи ги израелските сили дека неселективно ги таргетираат населените области.

Хуманитарната ситуација во северниот дел на Газа беше опишана како апокалиптична од страна на хуманитарни работници – десетици илјади страдаат од акутен недостиг на вода, соодветни санитарни услови, храна и медицинска опрема.