Почетна ЕкономијаСоветот за животна средина на ЕУ ќе дебатира за новите климатски цели

Советот за животна средина на ЕУ ќе дебатира за новите климатски цели

од nenad
1 минути читај за

Ревизиите на европскиот Закон за климата, кои предлагаат воспоставување на нови, задолжителни климатски цели на ЕУ до 2040 година, ќе претставуваат централна тема на Советот за животна средина на Европската Унија, кој денес се одржува во Брисел.

Според информациите, министрите за животна средина на државите членки на ЕУ ќе дискутираат политички за предлогот на Европската комисија за ревизии во постоечкиот Закон за климата, чија крајна цел е постигнување климатска неутралност на Унијата до 2050 година.

Со предложените измени се дефинира цел за редуцирање на емисиите на гасови кои создаваат ефект на стаклена градина до 2040 година за 90 проценти во споредба со нивоата во 1990 година.

Со законските измени се утврдуваат и клучните елементи и услови кои Европската комисија мора да ги имплементира во своите правни иницијативи за периодот по 2030 година, со цел државите членки на ЕУ да можат да ги реализираат зададените цели за 2040 година.

Дополнително, европските министри за животна средина ќе разговараат и за ревизиите на национално определениот придонес (НДЦ) на ЕУ за 2035 година во согласност со Рамковната конвенција на ОН за климатски промени (УНФЦЦЦ).

НДЦ ги специфицира напорите кои секоја држава треба да ги преземе за да ги намали националните емисии на гасови кои создаваат ефект на стаклена градина и да се адаптира на влијанијата на климатските промени.

Парискиот климатски договор предвидува секоја од потписничките на Конвенцијата да ги обновува своите НДЦ на секои пет години. Во рамките на ЕУ, Унијата поднесува НДЦ во свое име и во име на земјите членки.

Фото: МИА Архива.

Извор: МИА